1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Се шират безредијата и грабежите во Јужна Африка

ЖА / агенции
14 јули 2021

Насилните протести и грабежите од засегнатите две провинции се пренесуваат на соседните региони. Припадници на мобилизираната армија обезбедуваат важни стратешки објекти.

https://p.dw.com/p/3wSM8
Eskalierende Gewalt in Südafrika: Krisenstab und Militäreinsatz
Фотографија: Themba Hadebe/AP/picture alliance

Бранот насилни протести и пљачкања во Јужноафриканската Република, во кои досега загинаа најмалку 72 лица, се прелева во повеќе региони, како што соопшти полицијата синоќа.

Претседателот Сирил Рамафоза го нарече насилството едно од најлошите во Јужна Африка од 90-тите години на минатиот век, пред крајот на апартхејдот. Подменати се пожари, блокирани се автопатишта, и ограбени се деловни објекти и магацини во поголемите и помалите градови во провинциите Квазулу-Натал и Гаутенг

Во кризните области според медиумите се организираат граѓански стражи, за да спречат префрлување на насилствата од ограбените и често целосно демолирани индустриски зони во станбените квартови.

Südafrika, Johannesburg | Ausschreitungen bei Protesten gegen die Inhaftierung von Jacob Zuma
Полицијата побара помош од војската, не можејќи да се справи со насилстватаФотографија: Yeshiel/Xinhua/picture alliance

Во меѓувреме мобилизираната војска која треба да ѝ помогне на полицијата, според владини наводи е распоредена првенствено на стратешки пунктови околу болниците и аеродромите, но е стационирана и во близина на Јоханесбург. 

Ситуацијата се заострува поради кризата со коронавирусот – многу центри за вакцинација се затворени поради безредијата. Освен тоа, се закануваат тесни грла во снабдувањето, зашто со денови е затворена една од најважните сообраќајни поврзници од најважното пристаниште во Африка – Дурбан, кон Јоханесбург.

Weltspiegel | Durban, Südafrika | Schwere Unruhen nach Verurteilung von Ex-Präsident Zuma
Ограбен и запален објект кај ДурбанФотографија: Rajesh Jantilal/AFP

Проценетите штети за ионака заслабнатата економија во земјата во меѓувреме се искачија на повеќецифрени милионски суми.

-повеќе:

Јужна Африка: што наследува Рамафоза по заминување на Зума?

„Национална катастрофа“ во Јужна Африка- Кејп Таун останува без вода

Безредијата започнаа како еден вид протести против затворањето на поранешниот претседател Џејкоб Зума, но во рок од неколку дена прераснаа во судири и грабежи во индустриското срце на земјата околу Јоханесбург, како и во родната провинција на Зума, Квазулу-Натал.

Зума беше осуден на затворска казна од 15 месеци поради непочитување на судот, на чие издржување се упати во средата вечерта. Тој беше повикан на испрашување пред истражна комисија поради обвинувања за корупција во време на неговиот мандат (2009-2018 година), но не се одзва на поканата.