1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се стега обрачот околу „Секјуриком“

10 октомври 2018

Австриското Обвинителство од македонското ЈО бара податоци за кои дела се товари сопственикот на „Секјуриком“ во Македонија, дали има пресуда за него, за какви дела, дали е во затвор или притвор?

https://p.dw.com/p/36GXz
Symbolbild Wirtschaftskriminalität
Фотографија: Imago/blickwinkel

Обвинителството од австрискиот град Санкт Пелтен (стопански и културен центар на покраината Долна Австрија) бара од македонското Јавното обвинителство податоци за истрагата што се води во Скопје против Австриецот Волфганг Гампер, дознава ДВ.

Како што е веќе познато, Гампер е сопственик на „Секјуриком Мултисервис Интернационал ДОО Скопје“, осомничен за помагање во местење на 11-милионскиот тендер во 2015 година, распишан за услуги за одржување на објектите на Владата. Како мерка за претпазливост, на Гампер во март годинава му беше одземен пасошот, но во почетокот на септември беше утврдено дека избегал од Македонија, откако не се појави на редовно пријавување во судот.

Австриското Обвинителство, кое најверојатно води истрага за Гампер, од ЈО бара податоци за кои дела се товари тој во Македонија, до каде е постапката, дали има пресуда за него, за какви дела, дали е во затвор или притвор.

Гампер неодамна за БИРН изјави дека е се наоѓа во Австрија, каде заминал на операција испланирана уште во март.

„Не ме пуштаа да одам, за малку ќе добиев инфаркт“, изјави тој за БИРН во средината на септември.

И новата влада ме рекетира, тврди Гампер

На 3 октомври годинава, Гампер даде интервју и за австриската државна телевизија ОРФ. Во него, тој признава дека од Македонија заминал во средината на август преку нелегален премин во Косово, а денес е во Салцбург повторувајќи дека причината била потребата од итна операција. Во разговорот, Гампер демантира дека е виновен за делата кои му се ставаат на товар во Македонија. Тврди дека сите преговори со поранешната влада ги водел генералниот директор на неговата фирма и се чуди зошто и тој не е обвинет во случајот.

Гампер ја обвинува и актуелната влада дека му барала рекет за да продолжи да работи.

„И на новата влада, од јуни 2017, и доставивме 340 илјади евра месечно сметки за исплата и моравме од тоа 10 проценти да дадеме. Вкупно тоа се 510 илјади евра што ги плативме. Секако на црно!“, тврди Гампер за ОРФ.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски во прилогот на австриската телевизија ги отфрли ваквите наводи како невистинити и вели дека тие „имаат за цел да му наштетат на угледот на Владата на РМ“.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фирмата на Гампер „Секјуриком“ доби тендер од поранешната влада за одржување на објектиФотографија: DW/P. Stojanovsk

Скроен тендер?!

Во март годинава Финансиска полиција поднесе две кривични пријави - една за злоупотреба на службената дејност за поранешниот директор на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР) Васе Доневски, и една за помагање при кривичното дело за сопственикот на „Секјуриком“, Волфганг Гампер.  Финансиската истрага дошла до основани сомненија дека Доневски го скроил тендерот на начин што било сигурно дека „Секјуриком “ ќе го добие бизнисот, бидејќи оневозможил и други фирми да наддаваат на јавниот повик. Проценуваат дека доколку имало наддавање, државата би платила околу 45 отсто помалку за тие услуги. „Секјуриком“, всушност, на тендерот немала со кого да се наддава, дала понуда пониска само за 16 денари од проценетата вредност и го добила договорот во износ од 660.834.855 денари или 10,7 милиони евра.

Истите владини објекти сега се чистат за речиси половина од цената постигната на спорниот тендер. Во едно од последните интервјуа на Гампер, од декември 2017 година, на прашањето какви се идните планови за развој на „Секјуриком“ во Македонија, тој одговара: „Да имаме задоволни клиенти, да имаме вработени што со задоволство работат кај нас, да имаме вработени што се горди што работат во 'Секјуриком' и континуирано да се прошируваме“.

Вработените си ги бараат платите

Денес фирмата се соочува со негативни одговори на сите прашања. Вработените на протест ги побараа платите за јули и август, а кои не можеа да ги добијат со оглед дека беше донесено Решение за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции и привремено замрзнување на сметки на сопственикот Гампер и на поранешниот директор на СОЗР. Но, пред неколку дена Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Кривичниот суд  достави согласност за одмрзнување на сметката на правното лице.

„Следејќи ја состојбата на вработените и грижејќи се за почитување на законските права на работниците на кои неколку месеци не им се исплатени плати и придонеси за нивната работа во правното лице за чиј сопственик е покренато обвинение, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави согласност за одмрзнување на сметка на правното лице“, соопшти ОЈО.

Како што неофицијално дознаваме, истрагата се шири и за испумпување и префрлање пари на сметки во Австрија.