Се‘ помалку надеж за крај на војната во Газа
18 август 2014Примирјето на подрачјето на Газа, кое е во сила речиси од почетокот на минатата недела, завршува денеска (18.08), поточно вечер во 23 часот по средноевропско време. И додека судирите во текот на изминатата недела се смирија, останува прашањето што ќе се случи откако примирјето ќе заврши, бидејќи мировните преговори меѓу Палестинците и Израелците во Каиро засега не дале резултат. Набил Шаат, висок палестински претставник, вели дека нема надеж дека преговорите ќе завршат со договор.
„Не напредуваме баш најдобро, што не дава причини за оптимизам“, вели тој. Палестинската делегација се жали дури на назадување во индиректните преговори со египетско посредство: израелската страна се повлекла од веќе постигнатото, па сега сме повторно на почеток, вели претствник кој не сака да биде именуван.
Преку преговорите во Каиро двете страни со денови се обидуваат да ги решат несогласувањата кои веќе со децении предизвикуваат големи судири и илјадници жртви.
Израел бара повлекување на Хамас од подрачјето на Газа и предавање на оружјето што го поседува. Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел до самиот крај ќе ги брани сопствените интереси.
Од друга страна, Палестинците не сакаат да се согласат да го предадат оружјето се‘ додека истото не го сторат и израелските војници.
Како гест на добра волја Израел вчера делумно ја укина забраната за риболов пред брегот на Појасот Газа. Рибарските чамци смееја да испловуваат во Средоземното Море повторно две до три морски милји, што од почетокот на израелската офанзива на 8 јули беше забрането.