1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Се зголемува притисокот врз Северна Кореја

ЖА
7 септември 2017

ЕУ ќе ги заостри санкциите против Северна Кореја по најновиот атомски тест, кој во Пјонгјанг се слави со огномет. Целта е Пјонгјанг да се придвижи кон „конструктивен дијалог“ со меѓународната заедница

https://p.dw.com/p/2jVxX
Nordkorea Propaganda
Фотографија: picture-alliance/dpa/kyodo

ЕУ-претставничката за надворешна политика Федерика Могерини предложи заострување на европските економски санкции и дипломатскиот притисок против Северна Кореја по најновиот нејзин нуклеарен тест. Целта е Пјонгјанг да се придвижи кон „конструктивен дијалог“ со меѓународната заедница, изјави таа во Талин. Околу тоа ќе се разговара следните денови. Според дипломати, санкциите ќе бидат насочени кон отежнување на можноста Пјонгјанг да дојде до нови девизи. Мерките на пример би требало да ги погодат севернокорејските гастарбајтери и бродари, а се размислува на „црна листа“ за влез во ЕУ да бидат ставени дополнителни членови на севернокорејското раководство и да биде замрзнат нивниот имот.

Шефот на државата Ким Јонг Ун сѐуште не е на оваа листа. Могерини истовремено предупреди од воено решение на конфликтот, кое би можело да доведе до спирала на употреба на сила, опасна не само во регионот, туку и за цел свет.

Претходно и Јужна Кореја и Јапонија најавија дека ќе се залагаат за подрастични санкции против Пјонгјанг, со учество на Кина и на Русија во нафтено ембарго. САД до ОН доставија веќе предлог-резолуција која предвидува и нафтено ембарго. Вашингтон го обвинува Ким Јонг Ун за намера да испровоцира војна.

Северна Кореја, според сопствени наводи, во неделата тестирала хидрогенска бомба, која може да биде транспортирана од ракета со долг дострел. Кина и Русија се скептични во поглед на воведување заострени санкции против Северна Кореја.

Рускиот претседател Владимир Путин, како и кинескиот, Си Џингпинг, ги повикаа сите страни на воздржаност во конфликтот и на дијалог. Путин ги предупреди САД да не дозволат да бидат испровоцирани од Пјонгјанг, проблемот може да се реши со чист човечки разум, потенцираше тој. 

Северна Кореја пак вчера организирала масовна прослава во чест на научниците кои се заслужни за најмоќното нукеларно тестирање во историјата на земјата. Свеченоста била одбележана со огномет и огромен собир на граѓани во Пјонгјанг.