1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се влошува хуманитарната криза во Украина

БГ/ап/миа6 август 2014

Обединетите нации предупредуваат дека на истокот на Украина се заканува хуманитарна катастрофа поради борбите на владините сили со проруските бунтовници. Досега регионот го напуштиле повеќе од 285 илјади луѓе.

https://p.dw.com/p/1CpPA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Високиот претставник на ОН за хуманитарна помош Џон Гинг на седница на Советот за безбедност на ОН соопшти дека хуманитарната ситуација во Источна Украина се влошува и дека се неопходни итни мерки. Според податоците на ОН во судирите во Источна Украина од средината на април животот го загубиле најмалку 1.367 лица.

Особено е критично снабдувањето со вода и со струја, стотици домови се уништени, а хуманитарните работници мораат да го напуштат регионот поради заканата од засилени борби меѓу украинските сили и проруските бунтовници.

Гинг оцени дека очекуваното насилство, особено во урбаните региони, ќе стави уште поголем број луѓе под ризик и ќе го зголеми бројот на жртвите.

Седницата на Советот за безбедност се одржа на барање на Русија која повика на итни мерки за намалување на хуманитарната криза во Источна Украина, на што САД одговорија дека Москва сноси дел од одговорноста за страдањата на тие луѓе. Најновите податоци покажуваат дека само изминатиот месец поради интензивните борби меѓу украинските и проруски сили во источниот дел на Украина, регионот го напуштиле околу 58.000 лица.

„Кога зборуваме за хуманитарна ситуација, не може да го занемариме фактот дека Русија може да го запре сето тоа. Најбезбеден начин да се стави крај на насилствата е официјална Москва да прекине со испорака на борци, оружје и пари од Русија во Источна Украина“, изјави заменичката на американскиот амбасадор во ОН, Розмери Дикарло.

Украинскиот заменик-амбасадор Олександр Павличенко негираше дека во неговата земја постои хуманитарна криза, но оцени дека хуманитарната состојба во Доњецк и Луганск е сериозна.

Досега, повеќе од 285 илјади луѓе ги напуштија своите домови на истокот на Украина поради борбите.