Свирепи злосторства во Северна Кореја
18 февруари 2014Севернокорејското раководство врши злосторства против човештвото во големи размери и тоа веќе со децении, а со новото раководство нема подобрување. Ова е заклучокот на Комисијата на ОН за испитување на ситуацијата, во извештајот објавен вчера (17.02.2014). Тежината, размерите и начинот на кршењето на човековите права во Северна Кореја немаат никаква споредба во 21. век. Комисијата предлага Советот за безбедност на ОН да наложи со темата да се зафати Меѓународниот кривичен суд или да се формира посебен трибунал.
Злодела кои потресуват
„Овој извештај се зафаќа со големите неправди на кои се изложени луѓето во Северна Кореја“, изјави претседателот на Комисијата, Мајкл Кирби.
„Извештајот апелира за внимание од страна на меѓународната заедница“.
Организациите за заштита на човековите права го поздравија извештајот, истакнувајќи дека тој одамна беше потребен.
„Делови и одделни случаи беа одамна познати, но овој извешај ја отсликува целосната слика на хоророт“, вели Џули де Риверо од Хјуман рајтс воч.
„Постои меѓународна обврска да се реагира, зашто не се работи само за кршење на човековите права, туку за злосторство против човештвото“, истакнува таа.
Границата која одредува што е злосторство против човештвото е поставена доста високо, се вели во извештајот, но севернокорејското раководство многукратно ја надминува: убиства, присилување на ропство, мачења, затворања, силувања, исчезнување луѓе, киднапирања, сето ова се случува со налог од највиско ниво во државата.
„Овде не се работи за поединечни неправди, кои ги извршуваат и властите во останатиот свет. Овде се работи за злосторство против човештвото, за свирепости кои делуваат потресно“.
Страв и глад
На околу 400 страници се документирани безбројни недела, кои даваат мрачна слика за минатото, но и за сегашноста во Северна Кореја: во неа основните права се непозната категорија, владее клима на самоволие и страв. Во затворските логори и затворите рутински се вршат мачења и убиства, без некој да одговара за нив.
Владата негира постоење на затворски или превоспитни логори, иако нивното постоење го докажуваат сателитски снимки. Извештајот на Комисијата зборува за 80 илјади до 120 илјади политички затвореници, затворени во логорите заедно со нивните најблиски. Севернокорејското раководство целно го употребува гладот како средство за да си обезбеди политичка лојалност на населението, се вели во извештајот. Во ситуација на постојан недостиг на прехранбени производи, државата решава кои личности имаат предност при снабдувањето, како важни за опстанокот на режимот и кои личности не се неопходни.
Комисијата на ОН за своите сознанија се повикува на јавни сослушувања на жртви и сведоци, извршени минатата година во Сеул, Вашингтон и Лондон. Освен тоа, Комисијата водела 240 доверливи интервјуа, меѓу кои со преживеани затвореници и поранешни чувари во логорите.
„Севернокорејската влада постојано повторува дека овие изјави на сведоци се добиени од ’луѓе-отпадници’, дека сведочењата се лажни“, објаснува Мајкл Кирби.
Писмо до Ким
Извештајот констатира дека одговорноста за злосторствата се наоѓа кај највисокиот државен врв, а овде во прва линија кај Ким Јонг Ун, кој на крајот на 2011. година ја презеде функцијата на „врховен водач“ од својот починат татко, Ким Јинг Ил. Во писмото адресирано со „неговата екселенција Ким Јонг Ун“, Комисијата пишува: „Секој претставник на Демократската Народна Република Северна Кореја, кој извршил, наредил, помогнал, поддржал или одобрил злосторства против човештвото, сноси кривична одговорност според меѓународното право и во согласност со него треба да биде изведен пред правдата“.
Постоеја големи надежи дека со Ким Јонг Ун на челната позиција ќе дојде до промена.
„Конечно, дел од своето школување тој помина во Швајцарија. Но, ова верување е горчливо изневерено по егзекуцијата на неговиот тетин Јанг Таек“, коментира Кирби. Со писмото до Ким е испратена и копија на извештајот на Комисијата. И покрај извршените барања во повеќе наврати, Ким и севернокорејското раководство не и‘ дозволија на Комисијата да влезе во земјата.
Кирби и неговите колеги не наидоа на разбирање и кај Кина. Десетици илјади Севенокорејци минатите години, надевајќи се на работа и подобри можности за прехрана, пребегаа кај соседот Кина. Пекинг на овие луѓе не им признава статус на бегалци и ригорозно им ги предава на властите во Пјонгјанг. Многумина од овие повратници не по своја желба, потоа завршуваат во логори и затвори.
ОН да не седат со скрстени раце
Комисијата на ОН за човекови права во Женева во март ќе расправа за извештајот за Северна Кореја и ќе реши за натамошните чекори. Ниеден член на ОН тогаш не може да тврди дека не знаел за свирепостите и злосторствата против човештвото вршени во Северна Кореја.
„ОН тоа не можат и натаму да го игнорираат“, вели Џули де Риверо од Хјуман рајтс воч.