1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светското богатство е на рекордно високо ниво

ЕМФ /агенции
27 септември 2017

Бумот на берзите во 2016 година ги направи богатите ширум светот - уште побогати!

https://p.dw.com/p/2knSl
Krügerrand Gold Münze
Фотографија: picture-alliance/ZB

Според денеска објавената студија на осигурителната компанија Алијанц, светското бруто богатство на приватните домаќинства во 2016 година се зголемило за 7,1% и изнесува рекордни 169,2 илјади милијарди евра. Притоа предвид се земени заштедите во банките, хартиите од вредност, како и осигурувањата и пензиските фондови, но не и недвижностите.

Околу 70% од порастот на богатството се должи на зголемувањето на вредноста на акциите. Нето, значи кога ќе се одземат долговите, светското богатство на Земјината топка е зголемено за 7,6% и изнесува - исто така рекордни - 128,5 илјади милијарди евра.

И покрај тоа што каматите се ниски, две третини од сите заштеди во банките во речиси сите индустриски земји се полнеле со свежи пари. Сепак, „вложувањето на приватните лица и натаму е проследено со страв од големи ризици“, оцени главниот економ на Алијанц, Михаел Хајзе, при денешното претставување на студијата „Извештај за глобалното богатство 2017“ во Франкфурт.

Symbolbild Familie und Eigenheim
Најмногу нето-богатство имаат приватните домаќинства во САДФотографија: picture-alliance/dpa/T. Eisenhuth

Според истражувањето, на крајот на 2016 година најголемо бруто-богатство по глава на жител имала Швајцарија - 268.840 евра, а потоа следуваат САД со 221.690 евра и Данска со 146.490 евра.

Во делот на нето-богатството најдобро стојат САД, каде по глава на жител има 177. 210 евра, а на второ место е Швајцарија со 175.720 евра. Јапонија е на третата позиција со 96.890 евра.

Германија на ранг-листата со најбогати домаќинства во светот е некаде на средината. Во делот на нето-богатството најголемата економија во Европа е на 18 место (49.760 евра), додека во делот на бруто-богатството се наоѓа на 19 место (70.350 евра).

Светот, како што заклучува Алијанц во својата студија, е далеку од „праведна“ распределба на богатството. Најбогатите 10% во свои раце имаат 79% од нето-богатството. Притоа, мора да се нагласи дека во 2000 година оваа концентрација беше уште поголема, односно десетте проценти најбогати тогаш поседуваа 91% од светското богатство.