1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светските фудбалски ѕвезди ќе играат за светскиот мир

ЕМФ/кна1 септември 2014

Во Рим вечерва (1.09), на покана на папата Франциско, многу фудбалски светски ѕвезди, актуелни и поранешни, ќе играат за мир во светот.

https://p.dw.com/p/1D4JH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поканата на папата, кој сака фудбал, упатена до ѕвездите од големите фудбалски тимови на натпревар за братство во светот, не е изненадување, но е нешто ново. Вечерва на римскиот Олимписки стадион (на насловната фотографија) ќе истрчаат дел од најголемите фудбалски имиња на планетава на натпревар кој треба да е поттик за интеррелигиозен дијалог и мир во светот. Гигантите на денешницата, како Лионел Меси и Роналдињо, голманот Буфон или германските фудбалери Подолски и Езил, се само дел од оние што ќе и‘ дадат поддршка на иницијативата на папата Франциско. Покрај нив, на теренот ќе истрчаат и фудбалски легенди како Батистута, Валдерама или Баџо. Свое учество најавија 50-тина актуелни и поранешни играчи од светска класа.

Многумина потекнуваат од католички земји, редовно се прекрстуваат пред да излезат на терен. Но, организаторите на натпреварот успеаја да добијат позитивен одговор од фудбалери кои им припаѓаат на речиси сите светски религии - муслимани како Езил и Емре Мелозоглу, шинтоисти како Јуто Нагатомо, израелски Евреи како Јоси Бенајун. Во Рим треба да има дури и играчи будисти и хиндуисти.

Идејата за интеррелигиозен дијалог ретко допира широки народни маси, но затоа тоа му успева на фудбалот. „Затоа при нашата средба предложив меѓународен натпревар за мир и папата беше веднаш воодушевен“, вели Хавиер Занети, долгогодишен капитен на Интер, раскажувајќи за неговата средба со папата во април годинава, кога се родила идејата. Приходите од средбата (еден билет чини меѓу 8 и 30 евра, а децата пониски од еден метар имаат слободен влез на стадионот) ќе се влеат во фондацијата на Занети „P.U.P.I“ и за установата „Scholas Occurentes“, која е сместена во Папската академија на науки. Двете поддржуваат образовни проекти за деца и млади . Можни се и мали донации преку СМС-пораки.

Italien Papst Franziskus empfängt die Nationalspieler von Italien und Argentinien
Репрезентативците на Италија и на Аргентина, Буфон и Меси, на прием кај папата Франциско (13.08.2014)Фотографија: Reuters

На тој начин, натпреварот одговара сосема на тоа како папата го разбира спортот - пред се‘ како нешто што мора да и‘ служи на солидарноста на луѓето и поттикнувањето и поддршката на младината. Тоа што поранешниот египетски репрезентативец Мохамед Абу Треика не ја прифати поканата да дојде во Рим, затоа што не сакал да стои на терен со „ционистот“ Јоси Бенајун, е само маргинална вест. Многумина од денешниот настан очекуваат фудбалски деликатес, а некои зборуваат дури и за најдобрите екипи кои некогаш воопшто играле една против друга. „Ова всушност е вистинското СП-финале, во кое се победници сите кои сакаат свет без војна и глад“, оцени директорот на „Scholas Occurentes“, Хозе Мариа Дел Корал.