Отпадните води се вреден ресурс
22 март 2017Во моментов „повеќе од 80% од отпадната вода во светот и повеќе од 95% во некои помалку развиени земји – се испушта во животната средина без претходно третирање на истата“, се наведува во новиот извештај на ОН, кој беше објавен денеска по повод Светскиот ден на водата.
Во извештајот е наведено дека во просек, во земјите со низок доход само 8 проценти од водата која се користи во домаќинствата и индустриската отпадна вода се третира пред да биде испуштена во околината, споредено со 70% во земјите со висок доход. Како последица, во голем број региони водата која е загадена со бактерии, нитрати и фосфати се испушта во реките и езерата – што на крајот завршува во океаните, предизвикувајќи штетни последици за животната средина и јавното здравје.
Наместо тоа, од ОН препорачуваат отпадната вода да биде третирана и повторно употребена, затоа што токму тоа може да биде „трошковно ефективен и одржлив извор на енергија, нутриенти и други нуспроизводи кои можат да се извлечат од водата, и кои може да имаат директни бенефити за прехранбената и енергетската безбедност“.
„Отпадната вода е вреден ресурс во светот во кој водата е ограничена, а побарувачката расте“, изјави Гај Рајдер, претседател на агенцијата на ОН за вода и генерален директор на Меѓународната организација на трудот (ИЛО). Тој повика на „внимателно управување и рециклирање на водата која се користи во нашите домови, фабрики, фарми и градови“.