1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напад врз демократијата

Седа Сердар / превод: ЕМФ16 јули 2016

Турција веќе има преживеано неколку воени удари. Но, последниот обид од изминатата ноќ е различен. Светот не смее да гледа како земјата тоне во хаос, оценува Седа Сердар.

https://p.dw.com/p/1JQ3Q
Фотографија: Getty Images/O.Kose

Сите во Турција ја пробдеаја ноќта во обид да сфатат што им се случува пред очи. Рано изутрината турската влада соопшти дека воениот удар пропаднал. Но, политичката иднина на земјата и натаму е нејасна.

Обидот за пуч не беше како воените удари какви што Туреција има доживеано во минатото. Овојпат се чини една група во рамките на турската армија се обидела да ја собори владата. Сѐ уште е нејасно кој се крие зад иницијативата. Владата покажува со прст кон Фејтула Ѓулен. Лидерот на движењето Ѓулен и политички смртен непријател на Ердоган од 1999 година живее во САД. Движењето Ѓулен е прогласено за терористичка организација.

Турција во минатото неколку пати има доживеано воени удари.Во 80-тите години на минатиот век, по судирите меѓу десничарски и левичарски активисти, во кои имаше жртви, армијата ја зеде власта во свои раце. Но, сите досегашни воени удари почиваа врз иницијатива на целокупните воени сили.о Овојпат е инволвирана само мала група.

Преку ноќ воена територија

Досега се уапсени стотици војници. Во текот на ноќта дојде од судири меѓу припадници на воените сили и турската полиција. Кој се крие зад нив? Сѐ уште многу прашања се отворени.

Повторно се покажува дека во Турција има групи кои агитираат против демократија и стабилност. Застрашувачки е што земјата преку ноќ може да стане воена територија, со бомби кои фрчат над парламентот и воени авиони кои кружат на небото над Анкара.

Светот не смее да гледа како една нестабилна Турција, која се бори против тероризам и т.н. Исламска држава, тоне во хаос. на Турција ѝ е неопходна солидарност повеќе од кога и да е. Пучот јасно покажува колку е фрагилна државата.

Прво терор, потоа граѓанска војна?

Во текот на изминатите години Турција континуирано беше изложена на терористички напади, кои се закануваат да ја втурнат земјата во граѓанска војна. Граѓанска војна е друго ниво на закана, која земјата би требало да ја сфати сериозно.

Највисокиот воен суд во Турција во август веројатно ќе решава дали членови на движењето Ѓулен да бидат исклучени од воените сили. Сѐ уште е рано да се каже дали пучот би можел да има врска со оваа судска одлука.

Во ова хорор-сценарио е јасно само едно: наредните чекори се од екстремно големо значење за Турција. Дали обидот за пуч ќе биде искористен за политички маневар? Досега, владејачката Партија за правда и развој (АКП) од секој терористички напад излегуваше посилна.

Но, овојпат меѓународната заедница гледа внимателно во насока на Турција и сите претседатели на влади му дадоа поддршка на претседателот Ердоган за да се зајакне демократската правна држава. Кога овој кошмар ќе заврши, во Турција на прво место мора да биде јакнење на демократијата.