„Светлосна граница“ повторно ќе го подели Берлин
6 ноември 2014Берлин повторно три дена ќе биде поделен. Како кулминација на официјалните манифестации по повод 25-тата годишнина од падот на Ѕидот, огромна низа од светилки ќе биде поставена долж линијата на која некогаш беше подигнат тој и го делеше градот. Предвидено е некогашната гранична линија да биде обележана и со 8 000 бели балони исполнети со хелиум и осветлени. Уметничкото дело ќе се протега во должина од 15 километри.
Идејата и концептот за таканаречената „светлосна граница“ е на браќата Марк и Кристофер Баудер - едниот режисер, другиот уметник со светлосни ефекти. Тие размислувале за можноста на луѓето да им ја покажат градежната димензија на некогашната бариера. „Сакавме да ја направиме видлива поделбата, која Ѕидот ја остави во градот и долго по крајот на ГДР(Германската Демократска Република, односно некогашната Источна Германија, н.з.)“, вели Кристофер Баудер.
Тој дојде од југот на Германија во Берлин во 1994, пет години по падот на Ѕидот. Поделбата тогаш не можеше да не се забележи, делот што некогаш беше главен град на ГДР, уште значително се разликуваше од западниот дел на Берлин. Трагите во меѓувреме се избришани, вели Баудер. „Се забележува, на пример, кога на гости имаш пријатели. Тие прашуваат: ’Каде беше Ѕидот? Во источниот дел сме или во западниот? Понекогаш и немаш одговор - веќе не си ни свесен за тоа“. Сега свеченостите уште еднаш потсетуваат на повеќедецениската поделба на градот. Посетителите се поканети од 7 - 9 ноември да се прошетаат долж поранешната граница, а на шест пункта ќе можат да добијат и попродлабочени информации.
Да се почувствува животот во ГДР
Берлин на јубилејниот викен очекува до 100.000 посетители. Туристичките работници настојуваат да ги придобијат делумно со постоечките, делумно и со нови понуди. Еден хотел на гостите им нуди можност да возат „трабант“ - автомобил што беше произведуван во ГДР. Досега, според наводи од хотелот, тоа главно предизвикуваше интересирање кај гостите од западниот дел на Германија.
Друг хотел, кој се наоѓа во близина на прочуениот граничен премин Чекпоинт Чарли нуди во „пакет-аранжман“ влезница за Музејот на ГДР и „Осталги - мени“ со класични специјалитети од времето на ГДР. За предјадење има солјанка, кисело-лута супа од краставиици, која всушност потекнува од некогашниот Советски Сојуз. Главното јадење се таканаречените „кенигсбергер клопсе“ - еден вид ќофтиња во бел сос од капра. Но, со оглед дека градот Кенигсберг, кој до 1945 година беше дел од германските источни територии, подоцна во состав на Советскиот Сојуз беше преименуван во Калининград, источногерманското партиско раководство инсистираше на премиенување во „кохклопсе“. Тоа име остана неприифатено од народот. На крајот од менито доаѓа „калтер хунд“ (студен пес). Спротивно на претпоставките, станува збор за чисто вегетаријански колач, составен од повеќе слоеви на кекси и крем од чоколада. Организаторите не се сигурни дали вакво мени навистина ќе предизвика љубопитност кај туристите или пак ќе привлече некои носталгичари.
На сцените во Берлин темата за поделбата на Германија не стана интересна дури по повод 25-годишниот јубилеј, туку е присутна на репертоарот од порано. Така, во Малиот театар во Фриденау уште од 2010. година се прикажува ревијата на шлагери „Ох, кога ќе дојдеш?“, која на хумористичен начин ги поврзува музичките хитови од истокот и западот на Германија од периодот на 60-тите до 80-тите години на минатиот век. Вреден е да се види и содветен за јубилејот и успешниот мјузикл „Зад хоризонтот“ - иако и тој не е баш сосем нов. Со песни од Удо Линденберг, мјузиклот раскажува прекугранична љубовна приказна на пејач од западниот дел со активистка на младинската организација на ГДР.
Ангела Меркел на официјалната свеченост
Тонови што малку повеќе ќе замислат нудат многубројните музеи и спомен-места во главниот град. На Бернауер штрасе, каде до пред 25 години се протегаше границата, денес е меморијалниот комплекс Берлински ѕид. На потегот долг околу два километра посетителите ќе најдат оригинални делови на Ѕидот, како и еден комплетен отсечок од граничниот појас, со стражарска кула, бодликав тел и ѕид. Овде на 9. ноември ќе се одржи централната манифестација. Во капелата на помирувањето предвидена е утринска миса пред поканетите гости - меѓу нив и сведоци од тоа време, граѓански здруженија и високи претставници од политиката, на чело со канцеларот Ангела Меркел. Таа попладнето ќе го отвори реновираниот Центар за документација во состав на меморијалниот комплекс. Во него една нова трајна поставка ги расветлува историските причини и последиците од поделбата, како и секојдневниот живот на граѓаните.