1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Петриња: „Ѕидовите и мебелот 'играа' околу нас“

Матијас Грим
30 декември 2020

Хрватска два дена ја потресуваат земјотреси. Најпогоден е градот Петриња, каде токму во ова време во посета беше соработникот на Дојче веле, Матијас Грим. Сведоштва од прва рака.

https://p.dw.com/p/3nOKp
Kroatien l Nach dem Erdbeben - Frau sitz in den Ruinen ihres Hauses
Фотографија: Robert Anic/PIXSELL/picture-alliance

Кога во понеделникот (28.12.2020) попладнето стигнав во Петриња, претходно веќе имаше два земјотреси од средна јачина, 5,2 степени по Рихтер. Настанаа само полесни материјални штети: скршени стакла и мал шок кај граѓаните.

Петриња е мало, мирно гратче со 25.000 жители, а јас добро го познавам, моите братучеди се родени и израснаа во Петриња, во детството често ги посетував. Го сакам местото иако уште носи лузни од војната 1991-1995, по фасадите се гледаат траги од истрелите и има нерасчистени мински полиња.

Вчера (29.12.2020) тетка ми вареше кафе, братучеда ми уште спиеше, а братучед ми си ги миеше забите кога одеднаш куќата, мебелот почнаа да се нишаат и да вибрираат со интензитет кој е тешко да се замисли ако не го доживееш лично, едноставно „играа“ околу нас.

Братучед ми почна во паника да вика по сестра му, која со солзи панично истрча од собата, нагло оттргната од сонот. Се држевме еден за друг додека куќата се нишаше.

Со четка за заби в уста

Сите информации за начинот на однесување во случај на земјотрес, застанување до носечки ѕидови, сокривање под масивна маса, настрана од шкафови – беа како одвеани. Единствена мисла ни беше – надвор од куќата, за која имавме чувство дека секој момент ќе се урне.

Претходно моравме да го земеме болниот дедо на братучед ми од собата, додека околу нас паѓаа лустери и регали од ѕидовите. Панично истрчавме, боси, во пижами, братучед ми со четката за заби во уста. 

Дојче веле во Петриња: Силниот земјотрес уништи се'

Падна оџакот

Никој од нас не знае колку долго бевме во куќата што се стресе. Извештаите велат дека потресот траел 20-30 секунди. Надвор веднаш ги видовме штетите – паднат оџак, искршени герамиди.

Потоа нов потрес, послаб, но под нашите нозе тлото се подигна, проследено со далек татнеж, кој се чини доаѓаше од внатрешноста на земјата. Следеа околу 20 натамошни потреси.

Непрегледна колона возила

Кратко по првиот земјотрес чувме сирени. Тетка ми живее директно на сообраќајната поврзница меѓу Петриња и Сисак, следниот поголем град, па целиот сообраќај се одвива тука покрај нејзината куќа. На почеток дојдоа одделни спасувачки возила. Потоа доаѓаа сѐ повеќе, брза помош, пожарникари, камиони и дури и багер. Цел ден се точкаа бескрајни колони од возила за итна медицинска помош со сирени.

Повеќе на темата:

Земјата не престанува да се тресе: Нови земјотреси во Хрватска

Фотографија на денот: Петриња е разурната

Петриња како Хирошима - го снема половина град во земјотресот

Во тој момент не знаевме колку луѓе настраделе во градот и околината. Подоцна моите братучеди заминаа низ местото, да видат дали треба некому да помогнат. По улиците седеа луѓе, како и ние самите претходно, пред делумно разурнати куќи, во очите им се читаше шокот, ама очигледно неповредени.

Урнати ѕидови, искршен мебел

Посетивме еден 92-годишен дедо, за кого братучед ми се грижи од почетокот на пандемијата на коронавирус. Покривот на неговата куќа беше речиси целосно уништен, но тој останат неповреден и не сакаше никако да го напушти домот. Тој го разгоре огнот во печката, а чадот почна да излегува низ дупка во ѕидот, настаната од потресот.

Во меѓувреме решивме да заминеме кај баба ми во безбедниот Бјеловар, во нормални околности патувањето со автомобил трае околу еденипол час. Претходно морав уште еднаш да се вратам во куќата кај тетка ми, за да земам јакни и да ги побарам своите документи во хаосот меѓу полусрушените ѕидови и паднатиот мебел.

Подобро да се умре дома отколку да се бега

Додека бев во куќата, почувствував повторно потрес, лесен, но доволен за што побрзо да истрчам надвор. Во дворот веќе беше стигната и баба му на братучед ми, која во моментот на земјотресот беше во старски дом, од каде ги евакуирале сите станари.

И покрај нашите молби, бабата и дедото на моите роднини не сакаа да заминат со нас во Бјеловар. Подобро да умрат во сопствената куќа, отколку да бегаат, ни рекоа. Во војната веќе еднаш ја загубиле куќата, нема да дозволат тоа уште еднаш да им се случи. Планот на старците беше да се сместат во подрумот, а ако се случи нов земјотрес, ќе седнат во автомобил, така ни ветија. На сите наши обиди да ги предомислиме, останаа непопустливи.

Kroatien l Nach dem Erdbeben in Petrinja - zerstörte Häuser
Слики на пустош по земјотресот во ПетрињаФотографија: Luka Stanzl/PIXSELL/picture-alliance

Автомобили под шутот

По разделбата низ солзи, со автомобилот се приклучивме во колоната бегалци од градот, во спротивен правец доаѓаа нови возила во вклучени сирени и сино ротациско светло.

Лево и десно од главната улица гледавме уништени покриви, на тротоарите куп шут, под кој овде-онде се распознаваа автомобили. На бензинските станици беа создадени долги редици, зашто голем број семејства во исто време сакаа да избегаат од градот, да наполнат бензин и да купат вода.

Стравот останува

Кога по повеќе часови, наполно исцрпени, стигнавме во Бјеловар, откако ги раскажавме нашите доживувања, отидовме конечно да спиеме. Среќни бевме што имаме покрив над глава. Но, денеска (30.12.2020) утрото земјата повторно се затресе. За миг бевме будни, скокнавме од кревет, но потресот брзо запре. Јачината му била 4,4 степени, епицентарот пак кај Петриња.

Тетка ми вели – не знае кога со семејството ќе се врати дома, како ни дали ќе може воопшто да живее во куќата а да се чувствува сигурна. Експертите предвидуваат натамошни зејмотреси, до кога и колку силни, никој не знае.

Оваа неизвесност и со неа поврзаниот страв и беспомошност долго ќе ги следи луѓето во централна Хрватска, област каде живеат бројни сиромашни луѓе, кои сега го загубија и она малку што го имаа, каде што ретко некој има осигурување кое ќе му ги покрие штетите.

Денеска летам повторно дома во Келн, на безбедно. Чудно е чувството да ја оставам мојата фамилија во Хрватска препуштена сама на себе.

Од бројните одмори кај роднините во Петриња ми се останати мноштво убави спомени. Но, од сите досегашни престои таму, овој во последните два дена беше дефинитивно најнезаборавниот.