1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СБ на ОН се закани со санкции за Јужен Судан

АТ/ дпае/ афп25 април 2014

Насилството во Јужен Судан не престанува. Нападите во последно време беа насочени и против бегалските кампови на ОН. Бруталноста ги шокираше членовите на Советот за безбедност на ОН.

https://p.dw.com/p/1BoZk
Фотографија: UN

Во соопштението објавено во Њујорк Советот за безбедност на Обединетите нации изрази шокираност поради убиството на стотици цивили. Истовремено Советот се закани со можни санкции, односно дека се размислува за „соодветни мерки против сите одговорни“. Ова се однесува како на владата, така и на бунтовниците во Јужен Судан. Мора веднаш да престане повредата на човековите права.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ги предупреди двете страни во конфликтот од консеквенциите поради нивните постапки, за земјата да не западне во спиралата на насилство.

Бројот бегалци расте

Според податоци на ОН приврзаници на поранешниот јужносудански вицепретседател Рик Махар, откако минатата недела бил повторно освоен градот Бентиу на север на земјaта, убиле стотици луѓе од други племиња. Бунтовниците ги отфрлаат ваквите обвинувања и одговорноста ја префрлаат на владините трупи.

Советот за безбедност на ОН изрази загриженост и за преку 23.000 јужносудански бегалци, кои во моментов се наоѓаат во кампот на ОН во Бентиу (на насловната фотографија). Организацијата „Лекари без граници“ ги критикуваше тамошните животни услови и ги повика ОН да ги подобрат истите.

Мисијата на ОН во Јужен Судан соопшти дека кампот не бил предвиден за бегалци од граѓанска војна. Во вкупно осум кампови на ОН во земјата во моментов живеат околу 78.000 луѓе.

Во Јужен Судан во декември минатата година ескалираше борбата за превласт меѓу претседателот Салва Кир и Рик Махар, кој беше развластен во 2013 година. Двајцата политичари припаѓаат на различни етнии, чии меѓусебни односи со години се затегнати. Од почетокот на вооружениот конфликт во оваа африканска држава формирана во 2011 година убиени се илјадници луѓе. Околу 900.000 беглаци се во бегство.