1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санкции за политичарите од БиХ?

31 јануари 2011

Иако во Брисел во тек се нови мерки за поддршка на евроинтеграцијата на БиХ, засега се‘ уште нема согласност за можно воведување санкции за домашните политичари, ако се докаже дека го блокираат европскиот пат на БиХ.

https://p.dw.com/p/100aw
Брисел бара решение за поддршка на БиХ на патот кон ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/DW

Во Брисел планираат расправа за тоа што може да стори ЕУ, за да и‘ помогне на БиХ на нејзиниот европски пат. Од канцеларијата на високата претставничка за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон е потврдено дека има конкретни предлози и дека се разгледуваат најефикасните мерки кои би придонесле за забрзувањето на евроинтеграциите на БиХ. Меѓутоа, засега нема официјална потврда дали меѓу тие мерки ќе се најдат и евентуални санкции за босанско-херцеговските политичари или институции.

Можна е и забрана за влез во ЕУ

Doris Pack
Дорис Пак смета дека финансиските санкции се излез од политичкиот застој во БиХФотографија: dpa

Портпаролката на шефицата на европската дипломатија, Маја Коцијанчиќ вели:

„Врз основа на заклучоците од декември минатата година подготвуваме расправа за БиХ, за идната улога и присуството на ЕУ на теренот. Расправата ќе се води на ниво на министри за надворешни работи и ќе се одржи на една од наредните седници на Советот на министри.“

Во Брисел, исто така, во тек е и процедурата за избор на нов претставник на ЕУ во Сараево.

Според неофицијални информации, можните санкции би подразбирале укинување на помошта од ЕУ, замрзнување на средствата на политичарите, но и забрана за влез во ЕУ. Известувачот на Европскиот парламент за БиХ, Дорис Пак, вели дека Европската комисија може да примени и финансиски мерки:

„Тоа е еден од инструментите, а немаме многу на располагање. Можеме да бараме начини, да зборуваме, да правиме резолуции, но тоа не е доволен поттик за нив. Не знам колку вистина има во гласините за иницијатива за воведување санкции, но ако е така, јас немам ништо против. Политичарите конечно мора да сфатат за што се избрани.“

Според Пак, санкциите се единствениот излез од политичкиот застој во БиХ, ако се земе предвид дека тамошните политичари зборуваат само за националистички теми.

Постои реална можност за финансиски мерки

Sarajevo Stadt
Најзначајно е влијанието на претставникот на ЕУ во Сараево врз тамошните политичариФотографија: Liljana Pirolic

И во Меѓународната кризна група (МКГ) сметаат дека постои реална можност за воведување финансиски мерки, како механизам за деблокирање на евроинтеграциите на БиХ. Директорот на програмата за Балканот во МКГ, Марко Прелец вели дека најзначајно е влијанието на новиот претставник на ЕУ во Сараево врз локалните политичари:

„Најважно за БиХ и европското присуство во земјата е промена на моделот, од тоа дека меѓународната заедница е заштитник и управувач, кон моделот каде БиХ мора да се однесува како европска земја.“

Од МКГ истакнуваат дека е потребно што побрзо да се именува новиот претставник на ЕУ во БиХ, оти Европа не смее да си дозволи овој стол во Сараево да биде празен.

Автор: Марина Максимовиќ / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска