1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самоуништувањето на Ердоган

Баха Гунгор / Превод: Борис Георгиевски27 декември 2013

На турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган работите му излегуваат од контрола. Сепак, моменталните алтернативи на политичката сцена на Турција не ветуваат ништо добро, смета Баха Гунгор.

https://p.dw.com/p/1Ahfd
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Реџеп Ердоган сигурно поинаку ги замислуваше резултатите од својата работа во 2013. година. Наместо да се говори за значајната стапка на економски раст, стабилноста на домашната валута или сѐ поголемото значење на Турција како регионална сила, прашањето кое се поставува повеќе не е дали, туку кога ќе си замине од власт.

Челникот на конзервативно-религиозната АКП располага со мнозинство гласови во парламентот и уште од својата прва изборна победа во 2002 година можеше да владее по своја волја, без сериозна опозиција. Сепак, и Ердоган ја направи грешката како и многумина пред него низ историјата - сметаше дека е безгрешен. Со текот на времето се’ помалку толерираше критики на своја сметка, а новинарите, интелектуалците и политичарите кои не го делеа неговото мислење, завршуваа во затвор. На долги затворски казни беа осудени и водечките армиски генерали, кои наводно подготвувале пуч против него.

Наместо да се развие во голем политички водач, на крилјата на успехот во Турција и во странство, Ердоган, летото 2013. година, започна со сопствена демонтажа. Судирите со демократските сили и граѓанските организации, кои избија на плоштадот Таксим, а сето поради еден градежен проект, покажаа дека тој ги губи нервите.

Deutsche Welle Türkisch Bahaeddin Güngör
Баха Гунгор, уредник во турската редакција на Дојче велеФотографија: DW

Нервите конечно го издадоа по откривањето на корупциската афера, досега невидена во 90-годишната историја на модерна Турција. Кога обвинивањата за перење пари, шверцување злато, илегални банкарски трансакции со Иран и плаќање мито за добивање градежни дозволи го достигнаа и самиот врв на власта, Ердоган се обиде да направи длабок рез. Сепак, смената на 10 од вкупно 26. министри не успеа да го запре развојот на настаните. Турската лира падна на рекордно ниско ниво во однос на еврото и доларот. Сега и Врховниот суд му ги помати сметките и го прогласи за правно неважечки неговиот указ со кој се обиде да им ги врзе рацете на полицијата и судството, така што сакаше да ги обврзе на своите претпоставени да им ги јавуваат сите детали за истрагите кои ги водат.

Нема алтернатива

Доколку Ердоган стане политичка жртва на сопственото преценување и доколку замине од власт, алтернативите кои се нудат не значат ништо добро за државата. Не постои веродостојна и силна опозиција. Најсилен противник на премиерот е имамот Фетула Ѓулен, кој сега му се одмаздува на Ердоган поради неговата намера да ги стави под контрола училиштата и заедниците на движењето на Ѓулен. Овие училишта се „ковачници на кадри“ за тоа движење, а самиот Ѓулен веќе 13 години живее во САД и не се осмелува да се врати во Турција.

Ѓулен е верски лидер. Неговите цели се нејасни, исто како што на почетокот беа нејасни и целите на Ердоган. Дали тој заговара воспоставување на „божја држава“ во која Коранот би бил Устав? Сака ли да понуди докази дека религијата и демократијата можат меѓусебно да се надополнуваат и на тој начин од Турција да направи модел за останатите исламски држави?

Оној кој ќе пропадне во жив песок не смее да се обидува самиот да се извлече. Претањето со рацете и нозете само водат кон уште подлабоко пропаѓање, а акцијата за спасување со тоа станува потешка. Ердоган прета веќе со месеци. Акцијата за негово спасување, која би го задржала на власт, така станува сѐ потешка.