1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самоубиствен напад на Курбан Бајрам

ЖА/дв/афп/дапд/ртре26 октомври 2012

Атентатор самоубиец во напад врз џамија во Авганистан во смрт однесе најмалку 40 луѓе. По молитвата по повод исламскиот празник Курбан Бајрам напаѓачот се разнесол во воздух.

https://p.dw.com/p/16XaA
Фотографија: Reuters

Најмалку 40 лица се убиени денеска (26.10), на првиот ден од муслиманскиот празник Курбан Бајрам, во самоубиствен атентат во џамија во северозападната авганистанска провинција Фарџаб.

Во нападот се ранети педесет лица.

„Само што ја завршивме молитвата, си честитавме меѓусебно и се прегрнавме, кога одекна експлозијата“, раскажува еден од очевидците.

„Полицискиот началник на провинцијата, исто така, е ранет“, рече заменик гувернерот на провинцијата, Абдул Сатар Барез. Повеќето од жртвите се цивили. Меѓу убиените се портпаролот на гувернерот на Фарџаб, Ахмад Џавед Бедар, и пет деца, рече полициски службеник, цитиран од агенциите.

Северниот дел од Авганистан, каде се стационирани војниците на Бундесверот, се смета за релативно мирен. Но, во последниот период насилството се засили низ целата земја. Одговорноста за нападите, насочени најчесто против меѓународните трупи, најчесто ја преземаат радикално-исламистичките талибанци.

Муслиманскиот празник почнува денеска и трае четири дена. Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи во Кабул апелираше кон бунтовниците и талибанците пред празникот:

„Запрете со уништувањето на нашите џамии, болници и училишта“, рече тој.