1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратеник само со македонско државјанство?

ДТЗ
12 март 2021

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандмани со кои се бара пратениците да имаат само македонско државјанство, предлогот е прифатлив и за СДСМ. 

https://p.dw.com/p/3qYWI
 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара законски измени со кои не ќе може да стане пратеник оној којшто има двојно државјанство. Од партијата најавуваат дека пратеничката група ќе поднесе амандман во Собранието во кој ќе стои дека кандидат за пратеник може да биде лице кое има само македонско државјанство. Ваквиот предлог е прифатлив и за владејачката СДСМ, со услов е ваквото правило да стартува веднаш и да важи и за актуелниот пратенички состав. 
„Ние во текот на овие ден-два до Собранието како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесеме еден амандман којшто ќе се однесува на Законот за пратеници, Законот за избори и каде што ќе пишува дека кандидат за пратеник во Собранието може да биде лице коешто има само македонско државјанство и нема ниедно друго двојно државјанство“, најави опозицискиот пратеник, Антонијо Милошоски.

-повеќе на темата: Стан на улицата „Леге“ во Софија е „дом“ на 45.000 Македонци со бугарски пасоши

Според Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, измените во предлог- законот се во два члена и тоа во условите за избор на пратеници, каде што се додава нов член во кој се вели дека за лицето да биде избрано за пратеник треба да го исполнува условот, покрај другите, да е државјанин само на С. Македонија. „Ваков услов има и во Законот за надворешни работи и бараме оваа одредба од членот на овој закон да се усогласи со Изборниот законик во рок од триесет дена по влегувањето во сила“, изјави Мицевски.

За СДСМ е прифатливо, ама....

СДСМ прифаќа пратеник да има само македонско државјанство, но условуваат тоа да важи веднаш и за актуелниот пратенички состав. „Исто така, предлагаме пратеници да не може да бидат лица кои се осудувани за кражби во други држави, како на пример лицето Антонијо Милошоски, односно лица што со своите незаконски дела го нарушуваат имиџот на земјата“, се вели во соопштението од СДСМ.

-повеќе на темата: Имаат ли македонските политичари резервна држава?

Ваквиот предлог следи откако вчера функционери на партијата и пратеници се најдоа на списокот со бугарски документи, којшто го објави бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов. Тој наведе дека станува збор за „интересни имиња“ на македонски граѓани коишто имаат право да гласаат на парламентарните избори во Бугарија, врз основа на стекнато државјанство, а коишто се совпаѓаат со имиња на пратеници и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. На листата која што ја објави Каракачанов се најдоа имињата на Александар Николоски, Антонио Милошоски, Никола Мицевски, коишто, се тврди дека се запишани на адреси во Ќустендил и Благоевград. Каракачанов ги повика „луѓето на списоците да гласаат со гласачкото ливче број 1 за вистинската ВМРО“. Посочените на листата ги демантираа обвинувањата и тврдат дека станува збор за „масло на Зоран Заев“.