Само добри и зли во Сирија?
27 декември 2016Толкупати веќе сме го чуле тоа, но во сириската граѓанска војна мора повторно да се потсетиме - првата жртва на војната секогаш е вистината. Притоа, умешното извртување на вистината е поуспешно отколку чистата лага. Селективното прикажување информации е најефикасно усмерување на мислењето во сакан правец. Актуелен пример е битката за Алепо. На нашите екрани речиси исклучиво можевме да ги следиме воздушните напади на сириската и руската авијација врз станбените населби во Алепо. Обилно гарнирано со сликите на варварство, на цинизмот на Асад и неговите помагачи и нивната подготвеност буквално да „одат преку трупови“. Постојано се нагласуваше хуманитарната катастрофална ситуација во опсадениот град.
Цинични постапки на бунтовниците
Но, каде можеше да се дознае дека и бунтовниците постапуваат цинично? Тие ги злоупотребуваа луѓето, користејќи ги како живи штитови. Постојано ги спречуваа жителите на источно Алепо во бегство во западниот дел од градот. Го гаѓаа западно Алепо со ракети и минофрлачи, исто така без обѕири кон цивилното население.
Апропо бунтовниците: тие главно се состоеја од салафистичко-џихадистички групи. Затоа, за волја на вистината треба да се каже дека тие не беа демократи. Во многу квартови на сила беше шеријатското право. Жените смееја да излезат на улица само целосно покриени. Единствена разлика меѓу сириските џихадисти и Исламска држава е што ИД сака создавање калифат ширум светот, а сириските џихадисти за почеток се задоволуваат со сириски калифат.
Тоа не го тврди само сириската или руската пропаганда. Тоа го кажува и портпаролот на трупите кои учествуваат во американската воена интервенција против ИД. Полковникот Стив Ворен на 16. април пред новинарите изјави дека источно Алепо го држат првенствено припадниците на Фронтот Ал Нусра.
Оружје за сите кои се против Асад
На оној кому тоа не му е доволно и кој би сакал потврда од доверлив сведок, се препорачува говорот на американскиот потпретседател Џо Бајден во октомври 2014. година на Харвард. Бајден во таа прилика кажа дека во Сирија нема умерени сили. Тој дури јавно се пожали што американските сојузници Турција и Саудиска Арабија се најголем проблем за САД во Сирија. Бајден изјави дека двете земји се опседнати со соборувањето на Асад. Тие поделија стотици милиони долари и илјадници тони оружје секому кој беше подготвен да се бори против Асад. А спремност за тоа покажуваше меѓутоа само огранокот на Ал Каеда- Ал Нусра и екстремистички настроените џихадисти од другите делови на светот.
Американската воена разузнавачка служба ДИА уште во 2012. година во своја анализа предупреди дека првобитните мирни и демократски процеси во меѓувреме се под доминација на исламистички сили. Во анализата уште тогаш се споменуваше можно настанување салафистичка држава, која во 2014. година навистина ја прогласи т.н. Исламска држава. Шеф на ДИА тогаш беше Мајкл Флин, иден советник за безбедност на новиот американски претседател Доналд Трамп.
Што значи сетоа тоа во поглед на известувањето за Алепо и Сирија? Тоа значи првенствено дека сѐ мора да се посматра критички, дека мора да се трудиме на настаните да им дадеме поцелосна и поопфатна слика. Се разбира, медиумите мора да известуваат за стравотиите на војната и борбите, страдањата и умирањето во источно Алепо. Но, ако сериозно ја сфаќаат својата задача, на која се и службено обврзани, медиумите не смеат да известуваат еднострано.
И во ирачки Мосул умираат луѓе
На 700 километри од Алепо се наоѓа уште еден опсаден град - ирачкиот милионски град Мосул. И таму умираат цивили, половина милион луѓе се отсечени од снабдување со вода за пиење. Среде зима недостига храна и огрев. Мосул во опсада го држи коалицијата потпомогната од Запад. Иста ситуација како и со градовите Рамади и Фалуџа, 80 проценти од нив се уништени. За тоа многу малку или воопшто не се гледа во медиумите. Исто како што не се гледаше за употребата на касетни бомби во Јемен. На почетокот на декември, коалицијата предводена од Саудиска Арабија, со касетна муниција нападна дури и две училишта.
За неправдата мора да се известува, таа мора да се осудува, сеедно од која страна доаѓа. Селективното информирање е подбуцнување и пропаганда. За судирите како овој во Сирија, не се потребни никакви фризирања, туку само голи факти. Без оглед што не би биле најчитани, извештаите за Сирија не треба да содржат толку црно-бели туку повеќе и сиви нијанси.