Самитот на НАТО без изненадувања за Македонија
1 септември 2014„Не сум во состојба сега да прогнозирам што уште се’ тековнава седмица ќе донесе. Имајќи го предвид развојот на конфликтот меѓу Русија и Украина, би бил задоволен кога би имам преглед на случувањата во наредниот половина ден. Би можел да кажам дека овој НАТО-самит го подготвивме колку што беше возможно. Ќе се одлучува за многу неопходни работи што се однесуваат на Балтичките држави. Што се однесува до проширувањето, доколку се погледне во документите, се гледа дека има различен напредок кај различните партнери од Западен Балкан. Во моментов, во однос на ова, не гледам дека ќе има големи изненадувања“, вели шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер одговарајќи на прашање на Дојче веле: можно ли е поради ситуацијата во Украина и Русија на самитот на НАТО да има изненадувања, па Македонија и покрај противењето на Грција, да го добие полноправното членство во Алијансата?
Назад кон блокови?!
Како што кажа Штајнмајер на вчерашниот Форум со граѓаните во германското МНР, поради ситуацијата со Русија, НАТО на состанокот на врвот ќе расправа за тоа како ќе ја гарантира безбедноста на балтичките држави. Според министерот, в четврток и в петок (4/5.09) ќе се дискутира дали војниците на Алијансата ќе бидат таму постојано стационирани или ќе се оди со ротирачки вежби. Во документите што сега се подготвени за средбата во Велс, околу оваа тема се користи терминот „зголемување на подготвеноста“.
„Неподнослива ми е претставата дека 25 години по блоковската конфронтација, по крајот на студената војна, повторно се враќаме кон едно ново цепење, на кое се спротивставуваме со сите можности и со сите ризици. Имаме две алтерантиви кои се обидуваме да ги комбинираме. Една е политички и економски притисок врз Русија, за да не дојде до натамошна ескалација на конфликтот. И втората е - одново и одново да се прават обиди со дипломатски иницијативи да се постигне макар и неколку милиметри и сантиметри поместување нанапред. Тоа мора да се прави, иако последниве седмици покажаа дека нема гаранција за успех. Напротив, доживеавме удари, поради што сме разочарани од нашиот руски партнер за разговор, зашто не секогаш имаме впечаток дека игра со отворени карти“, коментира министерот Штајнмајер.
Германско оружје за Курдите
Ангажирањето на Германија во конфликтите во светот, меѓутоа, не наидува на одобрување кај Германците. Според една анкета, 60 проценти од граѓаните се противат на поголема одговорност и учеството на Германија во конфликтите во светот.
„Одбивањето лежи во тоа што мнозинството стравува дека кога говориме за одговорност, тогаш говориме за воениот ангажман во задачите во странство. Моето залагање е дека не смее да се дозволи кризите да се развиваат, па на крај да се каже: да или не за воена интервенција. Надворешнополитичката одговорност значи што е можно порано и што е можно помудро да се делува отколку што во минатото се правеше“, подвлекува Штајнмајер, според кого тоа е и суштината на надворешната политика зад која стојат дипломатските иницијативи кои вработените секојдевно ги скицираат и потоа се доработуваат.
Шефот на дипломатијата покрај за престојниот самит на НАТО, состојбата со Русија, очекувањата на светот од Германија и нејзината подготвеност, на вчерашниот граѓански форум се осврна и на актуелноста на денот: првата испорака на германско оружје за Курдите од Северен Ирак. Тој ја оправда одлуката велејќи дека станува збор за посебен конфликт, за „враќање на варварството во светот“, ако се има предвид бруталноста и подготвеноста за насилство на терористите од Исламската држава.