Самит на Србија, БиХ и Турција
26 април 2011Претседателите на Србија и на Турција, како и членовите на претседателството на БиХ оценија дека заедничката иднина на трите земји е ЕУ, а иднината на Балкан е во разбивањето на предрасудите, помирувањето и немешањето во внатрешните работи на другите држави. Балкан не е на периферијата на Европа, туку нејзиното срце, цел регион треба да биде собран под чадорот на НАТО и ЕУ, оцени турскиот претседател Абдула Ѓул.
Белград не сака да се меша кај соседите
По состанокот во Караѓорѓево, Борис Тадиќ истакна дека Србија целосно го почитува Дејтонскиот мировен договор како и територијалниот интегритет на сите свои соседи, но истото го очекува од нив и кога е во прашање Косово.
На новинарско прашање за референдумот, кој Република Српска го распиша во врска со Обвинителството и судот во БиХ, Тадиќ изјави дека не сака да се меша во било кое внатрешно прашање на БиХ, што се однесува на интересите на нејзините граѓани.
Со такво мешање би била премината „црвената линија“ и би биле повторени некои грешки од минатото.
Тадиќ негираше дека денешниот собри во Караѓорѓево претставува меѓународна конференција за БиХ, потенцирајќи дека се работи за трилатерален состанок на кој учествуваат претставници на Србија, БиХ и Турција.
Србија не бега од соработката со Хаг
Српскиот претседател го повтори цврстиот став за нужноста од осудата и процесуирањето на сите воени злосторства како единствен начин за доаѓање до вистината и целосно помирување меѓу народите.
Како доказ за српската определба за соработка со Хашкиот трибунал, Тадиќ потсети на израчувањето на 44 од 46 осомничени воени злосторници во Хаг, а оцени дека преостанатите двајца хашки бегалци, Ратко Младиќ и Горан Хаџиќ, ќе бидат уапсени.
Автор: ЖА/ТТ/бета
Редактор: Жана Ацеска