1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саемот во Хановер во знакот на роботите

Хенрик Беме/ Александра Трајковска7 април 2014

Како изгледа фабриката на индината? Дали во неа сѐ уште ќе има место за луѓето, или роботите ќе ја преземат командата? Одговорите на овие прашања деновиве се нудат на индустрискиот саем во Хановер.

https://p.dw.com/p/1BdBS
Фотографија: DW/H. Böhme

Индустрија на дофат - вака може да се опишат случувањата во саемските хали. Поставени се цели продукциски линии со цел да се покаже колку што е можно поефикасна форма на производство на некој продукт, која воедно штеди и енергија. На годинешниов индустриски саем во Хановер не се покажува што теоретски би било можно, туку што навистина ќе биде применето во индустријата, подвлекува шефот на саемот Јохен Кеклер.

„Фабрикантите ширум светот мораат да произведуваат сѐ поиндивидуално и притоа да останат конкурентни. Дигитализацијата овозможува тие да немаат само една продукциска лента, која долгорочно создава само еден производ“. Информацијата е во самиот производ, со тоа се насочува машината - „тогаш тие можат производот во понеделниците да го лакираат поинаку отколку што тоа го прават секој вторник. Тоа е она што овде го покажуваме, оваа разноликост на можности“.

За саемот во Хановер е среќна околност што германската индустрија од пред неколку години полага на темата „Индустрија 4.0“, „и сега овде како големите концерни, така и средните претпријатија ги покажуваат своите резултати“.

Industriemesse Hannover Produktionsstraße
„Сименс“ на саемот во ХановерФотографија: picture-alliance/dpa

На саемот меѓутоа не се присутни само германски претпријатија. Тука има 5000 излагачи од 65 земји. Меѓутоа Германците, кои со своите производи честопати се предводници на светскиот пазар, на домашен терен се разбира сакаат добро да се презентираат. „Сименс“, на пример, на огромен штанд покажува дел од модерна автомобилска производствена линија.

Екарт Ебеле, одговорен во „Сименс“ за индустриско-автоматизираните системи укажува на потребите на луѓето „колку што е можно побрзо да се добие производот што се сака. Ваквата флексибилност мора да се обезбеди“. Тоа би можело да се прави со голем трошок „или да се автоматизира“.

На тој начин подобро можат да се оптоварат постројките, да се произведува со помалку енергија. „може да се произведува пооптимално“. Токму големите производители се заинтересирани за поефикасно производство. „Притисокот за конкурентност во целиот свет се зголемува“, вели Ебеле.

Отворени стандарди, отворени системи

Исто така и на штандот на концернот за софтвери „САП“ се наоѓа една производствена линија од „Сименс“, како и составни делови од други производители. „Тоа е тоа! Оваа соработка, заедничкото делување, кое уште повеќе мора да зајакне“, вели Мартина Вајднер од „САП“. На штандот се покажуваат сите нивоа и елементи кои се потребни за производство. За техниката на управување е одговорен „Сименс“. Исто така се користат отворени комуникациски стандарди кои можат да комуницираат со софтверите за завршно планирање и други системи на „САП“. „Сите тие системи постојано зборуваат меѓусебно, можат да прифатат промени. Тоа е нашата порака: Отворени стандарди, отворени системи - тогаш можеме флексибилно да ги спроведеме сите барања“.

Апел до канцеларката

Но ако машините зборуваат меѓу себе и со производите, нема ли фабричките хали еден ден да бидат празни, без луѓе? Прашање кое ја интересира и канцеларката Ангела Меркел, која вчера (6.04.) го отвори саемот. Се живее во свет на промени, порача Меркел претходно во нејзината видео порака. „Меѓутоа и за 'Индустрија 4.0' важи девизата: стопанството треба да им служи на луѓето, а не обратно“. За Германија патоказот е...: „Дали ќе успееме да бидеме предводник на светските пазари во нашите класични области, со современо спојување со можностите на информационата и комуникационата технологија?“ Во спротивно, во некои области ќе се загуби приклучокот кон светот. „Тоа не смее да го дозволиме. Затоа на Саемот во Хановер гледам со голема надеж, но и со големи очекувања од германското стопанство“, рече канцеларката.

Hannover Messe 2014 Angela Merkel
Ангела МеркелФотографија: Reuters

Загриженост околу Русија

Во разговорите со излагачите на саемот, меѓутоа, до израз доаѓа и загриженоста околу бизнисите со Русија. Пред една година Русија беше земја партнер на саемот, претседателот Путин беше во Хановер. Во моментов такво нешто би било невозможно. Пред сѐ претставниците на германското стопанство изразија загриженост од последиците од заострени санкции. На пример, Флоријан Хартинг од управниот одбор на истоименото претпријатие. Тој стравува дека ако „дојдат навистина строги санкции, ќе се работи за повисок двоцифрен милионски износ, кој ќе не‘ врати назад“. Тоа ги погаѓа директно бизнисите на претпријатието во Русија, но и испораките од странство кон Русија. Фирмата „Хартинг“ во Русија произведува електрични поврзни штекери и кабли за железничката и за машинската индустрија.

Industriemesse Hannover Holland High Tech-Stand
Холандија e земја партнер во 2014 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Односите со земјата партнер на саемот во Хановер 2014 - Холандија, пак, не се оптоварени. Соседот на Германија е присутен со 250 излагачи, што по Кина и Италија е трета по големина презентација на странски претпријатија во саемските хали во Хановер.