САД: Прво погубување на жена по 67 години
13 јануари 2021Жената од Канзас беше погубена поради убиство на бремена жена и екстракција на нејзиното бебе, што е прво погубување на жена на сојузно ниво во САД по цели 67 години.
Лиза Монтгомери (52) е прогласена за мртва утрината во 1 часот и 31 минута по локално време откако прими смртоносна инјекција во сојузниот затворски комплекс во Тер-Хоут во сојузната американска држава Индијана (насловна фотографија).
Таа е 11 осуденик кој е погубен во овој затвор од јули кога претседателот Доналд Трамп, кој ја поддржува смртната казна, продолжи со сојузните погубување по 17 годишна пауза.
Нејзиниот адвокат Кели Хенри во соопштението рече дека сите кои учествувале во нејзиното погубување треба да се срамат. „Владата не презеде ништо во својата острастеност да ја убие оваа оштетена и пореметена жена. Погубувањето на Лиза Монтгомери е далеку од правда“, нагласи адвокатот.
Повеќе:
-Трамп бара смртни казни за дилерите со дрога
-Егзекуции на смртни казни како на лента
-Се‘ помалку земји со смртна казна
Таа е погубена по повеќечасовни преговарања и откако Врховниот суд на САД го одобри погубувањето. Монтгомери ја уби 23-годишната Боби Џо Стинет во градот Скидмор во сојузната држава Мисури во 2004 година. Таа со коноп ја задавила Стинет која била во осмиот месец на бременост и потоа со готвачки нож извршила екстракција на бебето. Бебето го земала со себе и се обидела да го прикаже како свое.
Како единствена жена која беше на ред за погубување во сојузен затвор, Лиза Монтгомери била во затвор во Тексас и е доведена во понеделникот во Тер-Хоут. Монтгомери е прва од последните тројца сојузни затвореници кои се во програмата за погубување пред инаугурацијата на избраниот претседател Џо Бајден на 20 јануари. Се очекува дека Бајден ќе ги запре погубувањата на сојузно ниво.