1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД будно ги следат случувањата во Авганистан

Мајкл Книге/Дијана Ристова4 декември 2014

Во интервју за Дојче Веле, во пресрет на донаторската конференција за Авганистан, американскиот специјален пратеник Даниел Фелдман изјави дека Вашингтон и натаму будно го следи развојот во земјата.

https://p.dw.com/p/1Dym8
Фотографија: Getty Images/S. Marai

ДВ: Претстојната донаторска конференција за Авганистан е 12. меѓународна конференција откако првиот состанок беше оддржан во Бон, Германија во 2001-та година и знаците кои доаѓаат од Авганистан не се ветувачки. Новиот претседател, Ашраф Гани, не само што ја пропушти неговата самопрогласена цел да формира влада во првите 45 дена, туку и безбедносната ситуација се влошува како што покажа и смртоносниот напад врз Британската амбасада во Кабул минатата недела. Зошто мислите дека последнава конференција ќе има по позитивно и одржливо влијание врз државата, за разлика од претходните обиди?

Даниел Фелдман: Дозволете ми да кажам дека претстојната конференција не е всушност донаторска конференција. И тоа е важно токму поради причината која ја наведовте. Се случува во многу важен момент во кој, владата на национално единство веќе имаше преземено критични чекори за да го промовира владеењето на правото и подобрувањето на односите на Авганистан со соседните земји. Не се согласувам со тоа дека немаше ветувачки почеток. Мислам дека, она што го видовте во последните два месеци од оваа влада на националното единство беше доста позитивно, со оглед на фактот дека се потпиша НАТО-СОФА (Договорот за статус на силите) и БСА (Билатералниот безбедносен договор) беше земен како еден од нејзините први чекори за активно да се лобираат двата дома на Парламентот, за да се ратификуваат двата договора и веднаш потоа да се потпишат кон крајот на овој викенд. Беа преземени анти-корупциски иницијативи вклучувајќи го повторното отворање на банката во Кабул и повеќе меритократски принципи при вработувањето на државните службеници, па се до засилен ангажман во регионот во целина, преку патувања до Кина и Источна и Централна Азија до заливот и што е најважно, до Пакистан гледајќи ги од поширок спектар потенцијалите за економска соработка и останатите области каде што би можело да постои простор за развој.

Од аспект на формирањето на актуелната влада најважна беше широката согласност и од претседателот Гани и од Др. Абдула за сите овие клучни функционални иницијативи, без разлика дали се работи за недостаток во буџетот или анти-корупциските иницијативи, за прашања поврзани со безбедноста или заложбата за процесот на помирување.

Неодамна се сретнав со двајцата и тие зборуваа со апсолутна согласност за фактот дека се посветени на функционирањето на оваа влада на национално единство и обезбедувањето на придобивки за авганистанскиот народ и дека се многу близу до именувањето на клучните министри.

Мислам дека фактот што, постоеше постојан меѓународен ангажман во Авганистан, беше од огромна важност за извонредните достигнувања кои всушност беа остварени во Авганистан во последната деценија: од растот во индикаторите на општествениот фактор, извонредниот раст во образованието, фактот што сега една третина од децата на училишна возраст се девојчиња, здравствените индикатори кадешто животниот век на жените е зголемен за 20 години, стабилните медиуми, како и улогата на жените во општеството, како и прашањата поврзани со проблемите во владеењето.

Има извонредно позитивни индикатори кои беа постигнати во голем дел поради продолжената меѓународна помош. Оваа лондонска конференција е нова можност да се покаже дека ние остануваме посветени партнери на Авганистан и во овој многу важен момент во авганистанската историја. Таа им дава можност на претседателот Гани и д-р Абдула да ја претстават својата визија за општествената, политичката и економската иднина на Авганистан. #b

ДВ: И покрај тоа што Лондонската конференција можеби нема да биде официјално донаторска, Авганистан, сепак очекува и има потреба од дополнителни средства со кои, во суштина ќе ја финансира својата влада. Најверојатно трите клучни проблеми со кои треба да се справи владата се огромната корупција, проблеми со човековите права, посебно правата на жените и секако лошата безбедносна ситуација. Дали вие, од американска перспектива, очекувате конкретни и одржливи чекори за решавање на овие проблеми?

Фелдман: Целта на подготвителната конференција во Токио беше да се претстави она што ќе го содржат нашите долгорочни договори од 2012 до 2015 и Лондон ни ја дава можноста да ги реафирмираме тие договори. Што значи дека нема да се преземаат нови обврски во однос на договореното, но очигледно, САД обезбедија помош од милијарди долари во последните неколку години и ние ќе ги реафирмираме тие обврски во следните неколку дена.

Во однос на она што го очекуваме од Авганистанците, е дека авганистанската влада на Лондон гледа како на можност да ја претстави својата агенда и да започне еден вистински разговор со донаторите за тоа како нашите фондови ќе можат најдобро да ги поддржат нивните сопствени реформски агенди. На овој начин ние градиме доверба во зголемената авганистантска одржливост а за возврат да се добие одржлива помош од донаторите.

Во однос на анти-корупцијата особено, нема дилема дека корупцијата останува фундаментален предизвик во Авганистан, а тоа е нешто за што двајцата и претседателот Гани и д-р. Абдула беа многу искрени и всушност и кај двајцата тоа беше главна тема во кампањата и потпишаа анти-корупциски ветувања. Авганистантската влада веќе се заложи дека ќе се бори против корупцијата и ќе ја зголеми транспарентноста. Но, нашите договори во Токио беа базирани на она што ние го нарекуваме взаемна соработка, на којашто ние, како меѓународна заедница и авганистантската влада се согласивме.

Во тие рамки ние ја условивме нашата финансиска помош со напредок во реформите, вклучително и мерки против корупцијата. Така, како што оваа влада на национално единство презема чекори за да го поткрепи владеењето и да се избори против корупцијата, ние сакаме да ја поддржиме оваа реформска агенда. Но, ќе продолжиме да бидеме многу претпазливи осигурувајќи се дека анти-корупцијата продолжува да биде клучен дел од нивната реформска агенда.

Во поглед на безбедноста ние продолжуваме да водиме многу стабилна дискусија со нашите партнери и сојузници и со лидерите на авганистанците во врска со тоа како да се подобри безбедноста во земјата. Јас би рекол дека авганистанските безбедносни сили веќе обезбедуваат безбедност за нивниот народ, водат самостојна битка против бунтовниците, и ги одржуваат придобивките направени од ИСАФ. Тие направија многу добра работа со обезбедувањето на претседателските и локалните избори и дадоа многу жртви во судирите оваа година, но, исто така и им нанесоа големи загуби на талибанците. Ние сакаме да продолжиме да ги поддржуваме нивните напори, иако и натаму остануваме многу јасни во врска со сите предизвици со кои ќе се соочат Авганистанците.

ДВ: Во врска со проблемот со безбедноста, иако САД ја проширија борбената мисија во Авганистан, мисијата на НАТО треба да да заврши на крајот од оваа година. Дали САД разговараа со Велика Британија, Германија или другите сојузници на НАТО во врска со тоа дали ќе го преиспитаат завршувањето на нивната улога во мисијата во Авганистан?

Фелдман: Постоеше конфузија во врска со таа точка. САД не ја промени својата заложба за транзиција до крајот на годината, од борбена во неборбена мисија. Сѐ што претседателот Обама претстави во мај годинава и натаму важи. Тој рече дека ние ќе ја завршиме нашата борбена мисија на крајот од 2014 година и тоа дефинитивно се уште е случајот. Рече дека ние ќе продолжиме во 2015 со две нови ограничени мисии и тоа ќе биде тренинг, советување и помош за авганистантските сили во неборбена улога со НАТО и дека ќе имаме ограничена против-терористичка сила, која ќе продолжи со операциите против остатоците од Ал Каеда и по 2014. Ништо од тоа се нема сменето.

Единствената промена или еволуција е тоа што, во текот на последните неколку месеци ние се обидовме да разјасниме како всушност, ќе функционираат нашите сили. Она што го рековме беше дека, во многу ограничени околности САД ќе биде во можност да обезбеди поддршка за Авганистанците, за да се осигура дека клучните стратегиски интереси се остварени и дека ние исто така, ќе продолжиме да правиме се што сме во можност со цел да ги зачуваме животите на нашите сили но и другите и оттука ќе ги преземеме сите механизми за самоодбрана. Што значи, не постои било каква промена во однос на политиката, туку само појаснување, под кои околности ние дејствуваме со овие две дополнителни, ограничени мисии.

Даниел Фелдман е специјален американски претставник за Авганистан и Пакистан.