САД бараат фер избори во Албанија
23 февруари 2013Американскиот заменик- државен секретар за Европа и Евроазија Филип Рикер на средбата со албанскиот премиер Сали Бериша (на сликата горе) побарал од владата на Албанија да организира фер и слободни парламентарни избори.
Гласањето за нов парламент на Албанија на 23 јуни треба да ги исполни сите потребни стандарди, нагласил Рикер на средбите во Тирана. Лидерот на десницата и премиер на Албанија, Сали Бериша, според неговиот кабинет, дал гаранции на средбата со Рикер дека Албанија на парламантарните избори во јуни годинава ќе одржи фер и демократски избори.
„Јас гарантирам слободни и фер избори“, нагласи Бериша по средбата со Рикер. Лидерот на албанската опозиција Еди Рама на средбата со високиот американски претставник укажал на можноста власта да манипулира со изборниот процес.
Посетата на Рикер на Тирана албанските аналитичари ја оценуваат како уште едно укажување на Вашингтон на Тирана да престане со националистичката реторика, но и со барањето да се организираат коректни парламентарни избори, бидејќи опозицијата сугерира на опасност од манипулации.