20 години по 11 септември: Бајден повикува на единство
11 септември 2021Американскиот претседател во видео порака ја повика земјата на единство. „Тоа е за мене централната лекција од 9/11. Кога сме најранливи (...), единството е нашата најголема сила“, вели Џо Бајден. Тоа не значи „дека сите мора да мислиме исто, но важно е да се почитуваме меѓусебно и да веруваме едни во други“, рече Претседателот во шестминутната порака снимена во Белата куќа.
Бајден во посета на местата на нападите
САД денеска ја одбележуваат 20-годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001-ва со низа манифестации. На местото на поранешниот Светски трговски центар во Њујорк ќе бидат прочитани имињата на сите жртви (речиси три илјади). Бајден со сопругата во текот на денот ќе ги посети сите места на нападите од 11.09.2001.
Покрај официјалните манифестации, во знак на сеќавање на жртвите од нападите и она што се случуваше на 11 септември пред 20 години ќе бидат одржани и голем број комеморации, културни настани и минути молчење. Освен тоа, голем број познати згради во Њујорк треба да бидат осветлени во сино, меѓу нив и Емпајер Стејт Билдинг. На местото каде што некогаш стоеја кулите близначки од Светскиот трговски центар веќе неколку ноќи има два сини светлечки столба.
Најтешки напади во историјата на САД
Членови на терористичката мрежа Ал Каида пред 20 години насочија три киднапирани авиони кон кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк и Министерството за одбрана во Вашингтон. Четвртиот авион се урна во сојузната држава Пенсилванија, откако патници им се спротивставиле на киднаперите.
Најтешките напади во американската историја ја потресоа светската сила. Тогашниот републикански претседател Џорџ В. Буш потоа прогласи„војна против тероризмот“.