1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

С. Македонија нема да добие помош од ЕУ

ДТЗ
11 март 2021

Од пакетот вреден 530 милиони евра Србија треба да добие речиси 12 милиони евра, Црна Гора 200 илјади евра, а Албанија 900 илјади евра  

https://p.dw.com/p/3qVjN
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Северна Македонија нема да добие финансиска помош од солидарниот пакет на ЕУ.  Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на Твитер ја објави веста и ги наброи земјите кои ќе бидат опфатени со овој пакет вреден 530 милиони евра. На листата се најдоа и Србија, Црна Гора и Албанија, но и не и Северна Македонија. Причината за тоа, според Секретаријатот за европски прашања, е што во првиот бран од здравствената криза Северна Македонија не направила доволно расходи за да се квалификува за помош преку Фондот за солидарност на ЕУ. 

Помошта ќе биде распределена на 20 земји

Финансиската помош предложена од Европската комисија треба да биде распределена на 20 земји. Со предлогот на Европската комисија се опфатени 17 земји членки и 3 земји кандидати, односно Австрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Естонија, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Летонија, Литванија, Луксембург, Португалија, Романија и Шпанија, плус Албанија, Црна Гора и Србија.

Од земјите кандидати Србија треба да добие речиси 12 милиони евра, Црна Гора скоро 200 илјади евра, а Албанија 900 илјади евра.
Европската комисија соопшти дека средствата кои треба да ги добијат се поддршка на нивните јавни трошоци за медицинска и лична заштитна опрема, итна поддршка за населението и мерките за превенција, мониторинг и ширење на коронавирусот.

-повеќе на темата: Корона-криза: ЕУ мобилизира вкупно 3,3 милијарди евра за Балканот

Веста ја потврди и Секретаријатот за европски прашања, од каде велат дека поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина на донации во борбата со Ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн) кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот кој беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат.

Помош поради пандемијата

Во април 2020 година, Европската Унија одлучи да го прошири опфатот на Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ) како резултат на кризата настаната со пандемијата од Ковид-19 и кон земји кои не се членки на Унијата. Искористувањето на средствата од овој Фонд зависи од исполнувањето на праговите поставени од страна на Европската Унија во однос на вкупните расходи кои земјата во определен период ги има насочено за справување со последиците од Ковид-19.
„По обработката на собраните податоци, доставени од институциите и општините и нивното дополнување со податоци за склучени договори за Ковид-19 достапни на страната на Бирото за јавни набавки, беше констатирано дека Р.С. Македонија не го исполнува основниот предуслов за користење на ФСЕУ. Поддршката од ФСЕУ беше условена со оптоварување врз јавните финансии со минимален праг од 1,5 милијарди евра (цени од 2011 година) или 0,3% од бруто националниот доход (БНД) на потенцијалната земја-апликант. Во апсолутни бројки, во случајот на Република Северна Македонија овој праг изнесуваше 30.852.000 евра и истиот не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7.670.831 евра“, соопшти СЕП.

-повеќе на темата: ЕУ: „Соработка и солидарност“ со Западен Балкан?

За финансиска поддршка преку ФСЕУ се квалификувале расходи во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од четири месеци, сметано од датумот кога земјата која што аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или пак прогласила вонредна состојба. Во конкретниот случај станува збор за период од 10 март до 09 јули 2020 година.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја коментираше објавата на ЕУ дека С. Македонија не е во групата на земји на кои Европската комисија ќе им помогне со финансиска и медицинска помош преку солидарниот фонд чиј вкупен износ е 530 милиони евра.
„На исток бркаат провизии, а запад му затвара врата на Заев зошто е корумпиран. Вака на кратко изгледа сагата за набавка на вакцини, додека државава руши рекорди во смртни случаи поради корона. Денес за жал Македонија доби уште еден врел шамар поради неспособната тендер влада на Заев“, се вели во реакцијата на Мицкоски.