1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија со своја верзија за нападот во Сирија

ЕМФ /агенции
5 април 2017

Бројот на загинати од отровен гас во Сирија се зголемува. Русија презентираше своја верзија за нападот.

https://p.dw.com/p/2ai97
Syrien Idlib Giftgas Angriff
Фотографија: picture alliance/dpa/M.Karkas

Според Русија, станува збор за воздушен напад врз магацин со хемиско оружје на бунтовниците во Сирија. Руското раководство зборува и за учество на сириската армија во нападот. Владата на Русија соопшти дека воената авијација во воздушен напад врз градот Хан Шеихун погодила магацин со отровни супстанции кој го користеле бутновниците. Од „објективни податоци“ на руската контрола на летање произлегува дека сириската воена авијација бомбардирала „голем магацин на терористите“ во близина на градот, соопшти руското Министерство за одбрана.

Сирија отфрла одговорност

Во магацинот, според Министерството за одбрана во Москва, се наоѓала „работилница за бомби“. Таму биле складирани отровни супстанции. Москва не се изјасни дали сириската армија ненамерно или целно го бомбардирала магацинот. Според руско тврдење, отровните супстанции ги набавиле „борци од Ирак“.

Нападот во провинцијата Идлиб вчера предизвика огорченост ширум светот. Бунтовниците за нападот ги обвинија воените сили на сирискиот властодржец Башар ал-Асад. И САД, Велика Британија и Франција ја обвинија владата во Дамаск дека извршила напад со отровен гас.

Сириската армија „категорично“ отфрла секаква одговорност. Таа тврди дека никогаш не употребила отровен гас и дека тоа нема да го прави ниту во иднина. Армијата целата одговорност ја префрла на „терористичките групи“. Москва ѝ дава воена поддршка на владата на Асад во борбата против бунтовниците.

Syrien Idlib Giftgas Angriff
Фотографија: picture alliance/dpa/M.Karkas

Бројот на жртвите се зголемува

Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека бројот на жртвите во меѓувреме е зголемен на најмалку 72. Меѓу жртвите има и 20 деца и 17 жени. Досега се зборуваше за 58 мртви. Сириската опсерваторија наведува дека има уште лица кои се водат како исчезнати. Оттука, се претпоставува дека бројот на жртвите и натаму ќе расте.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш како реакција на настаните од Сирија побара истрага за воени злосторства во сирискиот конфликт. „Ужасните настани од вчера покажуваат за жал дека во Сирија и натаму се вршат воени злосторства“, рече Гутереш на меѓународната конференција за Сирија што се одржува во Брисел. Гутереш изрази увереност дека Советот за безбедност на ОН на вонредната седница свикана за денеска „ќе ја оправда одговорноста“

Постојаните членки на Советот за безедност - САД, Велика Британија и Франција - сакаат на седницата во Њујорк да поднесат предлог резолуција со осуда на нападот во Хан Шеихун. Освен тоа, во текстот ќе биде побарана и итна истрага на инцидентот.