1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија пред исфрлање од Олимпијадата во Рио

Б. Георгиевски/афп19 јули 2016

Меѓународниот олимписки комитет денеска ќе одлучува за учеството на Русија на Олимпијадата во Рио, откако истрага откри широко распространет и државно спонзориран допинг меѓу руските спортисти.

https://p.dw.com/p/1JRF6
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Zemlianichenko

Светската анти-допинг агенција (ВАДА) повика руските спортисти и фунционери да бидат исфрлени од Олимписките игри чиј почеток е закажан за неполни 17 дена, откако спроведената истрага откри, како што рече претседателот на МОК Томас Бах, „шокантен и досега невиден напад врз интегритетот на спортот и на Олимписките игри“.

Истрагата која ја предводеше канадскиот професор по право Ричард Мекларен откри дека руската тајна служба „помагала во државно диктираниот систем на фалсификување“ кој бил раководен од руското министерство за спорт и опфаќал преку 30 спортови во период од најмалку 5 години.

„Размерот на она што се случувало бара на Русија да и биде забрането учество на Олимпијадата и на Параолимписките игри“, изјави членот на атлетската комисија на МОК од Велика Британија, Адам Пенгили.

WADA - Richard McLaren
Ричард МекларенФотографија: Reuters/P. Power

Извршниот комитет на ВАДА порача дека МОК треба „да им забранат настап во Рио на сите спортисти предложени од Рускиот олимписки комитет“. ВАДА бара сите руски функционери вмешани во скандалот да бидат отпуштени, а на „руските владини претставници да им биде забранет пристап до меѓународни натпреварувања, вклучително и во Рио“.

Директна инволвираност на државата

Мекларен рече дека прикривањето на допингот започнало по лошите резултати на Русија на Зимските олимписки игри во Ванкувер, и продолжило се до Олимпијадата во Сочи во 2015. Спортистите биле допингувани и на Светското првенство во атлетика во 2013, како и на Универзитетските игри во Казан истата година.

Русија, која отфрла било какво државно учество во допингот, веќе е блокирана од учество на атлетските натпреварувања од страна на светската атлетска федерација.

Во извештајот на Меклрарен се наведува дека прикривањето било директно организирано од руското министерство за спорт на Виталиј Мутко, кое ги заменувало примероците со урина и ги заменувало со други.

Според извештајот, „Министерството за спорт го организирало, контролирало и надгледувало допингувањето на спортистите“. Во тој процес активно учество земале и Федералната служба за безбедност (ФСБ- наследник на КГБ), спортски тренажни групи и лабораториите во Москва и Сочи.

Кремљ најави дека сите функционери именувани во извештајот ќе бидат суспендирани, но притоа го отфрли „опасното“ мешање на политиката во спортот.