Рударска несреќа со политичка димензија
15 мај 2014Весникот „Берлинер цајтунг“ пишува дека рударската несреќа во Сома може да го погоди премиерот Реџеп Таип Ердоган. Под наслов „Несреќа со политичка димензија“, весникот коментира:
„Рударската несреќа во рудникот Сома беше катастрофа со најава. Состојбите во турските рудници се познати со години, постојано луѓето, поради недоволната безбедност, плаќаат со животи. Пред само две недели опозицијата побара формирање анкетна комисија за состојбите во Сома, но исламско-конзервативната партија АКП го одби предлогот. Заштитата на работниците во Турција и онака е слаба. Во ниедна друга земја во Европа нема повеќе смртни случаи на работно место. Владата на Ердоган на обвинувањата од опозицијата и синдикатите реагираше со укажување на законите за заштита при работа и судбината преку божјата волја и - со се‘ побезобѕирна приватизација на државната сопственост. Ако се засилат обвинувањата против сопствениците на рудникот Сома, рударската несреќа може да го доведе Ердоган во поголем теснец отколку сите корупциски скандали во минатите месеци. Бидејќи во Турција ништо не се прави без амин од врвот, секое прекршување на правилата оди на сметка на шефот. Гласачите на Ердоган ладно реагираа на скандалот со корупција, но нема да биде така со смртта на работниците. Бидејќи премиерот во август сака да стане претседател, може да се случи судбината да му ги помати сметките“, пишува „Берлинер цајтунг“.
Весникот „Тагесцајтунг“ коментира дека со право синдикатот несреќата во Сома ја нарече „масакр“ и „злосторство“, и оти критиката е оправдана:
„Турција со Реџеп Таип Ердоган како премиер во последните 12 години доживеа зачудувачки економски полет, но тој, како што драстично се покажа во Сома, има своја цена. Во многу бранши работните услови се брутални. Не само во рударството, исто и во бродоградилиштата на Црното Море, на безбројните градилишта, во текстилната индустрија или на памуковите полиња, работниците од година во година го уништуваат своето здравје или го оставаат животот. Ердоган води брутална неолиберална економска политика, а синдикатите му се само пречка. Тие во време на владата на АКП на сите начини се спречувани во работата, не само при протестите за 1 мај, туку и преку законодавството“, заклучува „Тагесцајтунг“.
„Бадише нојесте нахрихтен“, пак, е со став:
„Ердоган не мора да стравува дека на претседателските избори во август ќе биде повикан да ја плати сметката поради пропустите на неговата влада во врска со заштитата при работа, зашто запоставувањето на правата на работниците во Турција има долга традиција. Денешната опозиција во Анкара во време кога ја имаше власта не се однесуваше поинаку од владата на Ердоган“, коментира „Бадише нојесте нахрихтен“.
Бонскиот „Генерал анцајгер“ во врска со рударската несреќа во Турција коментира:
„Ако постои зрак надеж, тогаш тоа е реакцијата на многумина млади Турци. Тие одбиваат несреќите, како оваа во Сома, да ги прифатат како судбина. Младите, еден ден по трагедијата, со протести и демонстрации покажаа дека нема веќе да дозволат да бидат искористувани од алчните за пари претпријатија, без државата притоа да преземе нешто против нив“, заклучува „Генерал анцајгер“.