1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рововската битка околу СЈО продолжува

Катерина Блажевска23 септември 2016

Дводневната расправа во која пратениците и поставуваа прашања на Јанева, помина во знакот на груби напади врз работата на СЈО, недостиг на волја за неопходните законски измени, и здравствени тегоби кај обвинителката.

https://p.dw.com/p/1K6yc
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и денеска дојде во Парламентот, на седницата на Комисијата за политички систем на која се разгледува извештајот за работата на СЈО. Поради задравствени причини, синоќа на нејзино барање седницата беше прекината, а претседателот на Комисијата, Влатко Ѓорчев, продолжението го закажа за денеска во 13 часот.

„Навистина ми е жал што поради мојата здравствена состојба морав да ја напуштам седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и се извинувам на сите пратеници што денес не сум во можност повеќе да присуствувам на седницата“. Оваа писмена изјава беше испратена од Јанева откако таа ја напушти седницата на Комисијата.

Од СЈО информираа дека во меѓувреме била побарана лекарска помош и здравствената состојба на обвинителката е под лекарски надзор и контрола.

Критики за СЈО

Дводневната расправа во која пратениците и поставуваа прашања на Јанева, помина во знакот на груби напади, обвинувања, критики и етикетирања на работата на СЈО, но и недостиг на волја кај владејачкото мнозинство за донесување на законските измени кои треба да овозможат непречено работење на СЈО: да се укине членот од законот за СЈО со кој се дефинира рок за истрагите од 18 месеци, да се измени Законот за заштита на сведоци и да се имплементираат препораките на Венециската комисија.

Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Пратеникот и координатор на пратеничката група на на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, уште завчера го соопшти ставот по барањето на специјалната јавна обвинителка за продолжување на рокот за истраги.

„Можам слободно да кажам дека нема атмосфера во Собранието на Република Македонија да ви излезе во пресрет за барањето на рокот, но ако имате желба и намера да го зајакнете тимот и да ги вратите тие две обвинителки или да побарате други обвинители да бидат вклучени во тимот, или да побарате дополнителни лица да ви помогнат во брзината на работата, подготвени сме да разговараме“, рече Димовски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, кој по изборот на Јанева за специјален обвинител не штедеше зборови за пофалба на таквото решение, одамна има драматично различен став за работата на СЈО, а особено откако е првообвинет во едно од првите две обвиненија што ги поднесе ова обвинителство. На новинарско прашање како ја оценува работата на специјалната јавна обвинителка, рече дека не бил задоволен.

„Далеку од нашите очекувања во однос на професионалноста, непристрасноста и во однос на објективноста“, изјави Груевски.

Вратени доказите

Не се задоволни ни во Кривичниот суд. Оттаму со допис ги вратиле доставените докази од страна на СЈО во обвинителниот предлог кој се однесува на осомничени лица од УБК за кривичното дело „Фалсификување службена исправа“, со образложение дека не бил доставен акт за декласификација на доказите, врз основа на кој класифицираните докази може да се користат во судската постапка. Според Судот, без таков акт тие не може да бидат користени од страна на судската служба, за оформување на списите на предметот.

Од Специјалното јавно обвинителство најавуваат дека повторно ќе ги достават истите докази до Судот, кој самиот треба да обезбеди лице за работа со класифицирани информации.

„Ова Јавно обвинителство повторно ќе ги достави доказите до Основниот суд Скопје 1 Скопје, кои ни беа вратени. Во писмениот допис доставен до Судот укажано е на непостоење на законски пречки судската служба да евидентира и прима класифицирани информации и на законските обврски секој орган кој работи со класифицирани информации да обезбеди административни и човечки ресурси за работа со класифицирани информации. Во дописот е појаснето и дека во конкретниот случај не е барана декласификација на доказите поради фактот што со декласификација предложените докази би добиле третман на информација до која се има слободен пристап, со оглед дека се работи за докази кои се поврзани со внатрешната организација и правилата на работење на Управата за безбедност и контраразузнавање и Министерството за внатрешни работи, со актот на декласификација би можеле да настанат штетни последици“, се вели во дописот од СЈО.

Mazedonien Skopje Sonderstaatsanwaltschaft Pressekonferenz
Фотографија: MIA

Ова обвинителство вчера побарало од претседателот на Основниот суд Скопје 1 Скопје официјални податоци кои судии се определени да постапуваат по првите два обвинителни предлози на ова обвинителство, бидејќи досега не биле информирани за тоа.

„Сепак, со оглед на фактот што од доставениот допис со кој се вратени доказите произлегува името на судијата кој постапува по предметот, ве известуваме дека во текот на утрешниот ден (23.09- н.з) ќе биде поднесено и барање за изземање на судијата од постапување по конкретниот предмет“, соопшти СЈО.

Имено, на дописот што стигнал до СЈО стоело името на судијката Лидија Петровска, која во еден разговор во „бомбите“ од нејзина колешка беше опишана како личност која на позиција стигнала купувајќи и накит „Сваровски“ на нејзината шефица.

Предлог - обвинението што му е вратено на СЈО од Судот се однесува на уништување на докази за прислушувањето, за кое СЈО товари седум лица од Управата за безбедност и контраразузнавање.

„Се работи за уништување на документација поврзана со системите за прислушување. Преземајќи истражни дејствија за тоа кој и зошто неовластено прислушувал, Обвинителството прибави доказен материјал и за други кривични дела. Од доказите произлезе дека првообвинетитот незаконито формирал Комисија и 2.047 службени списи биле уништени. Според доказите првообвинетиот во својство на началник од УБК издал усна наредба за годишно ништење на материјали, иако законските акти не дозволуваат обвинетиот да формира таква Комисија. Целта била да се уништат списите поврзани со работата на системите за следење на комуникациите. Целото ништење е направено спротивно на сите службени акти, и обвинетите лица без никаква процедура за ништење ги запалиле материјалите“, рече обвинителката Фатиме Фетаи при презентацијата на обвинението. Таа посочи дека уништени се и класифицирани информации.