Патот за олимпискиот оган пробиен со солзавец и шок-бомби
4 август 2016Пристигнување на олимпискиот оган во Рио де Жанеиро беше поздравен од незадоволни граѓани и илјадници полицајци во борбена опрема. Војска и полиција на речиси секој агол во Рио го следеа преземањето на олимпискиот факел, а во некои населби мораа да употребат и сила за да го отворат патот за неговото минување.
На анти-владините протести во населба на северот на градот, полицијата употреби солзавец и шок-бомби за да ги растера незадоволните граѓани. Според локалните медиуми, три лица биле повредени од гумени куршуми.
Претходните денови протести се одржуваа и во други градови каде што минуваше огнот.
За време на Олимписките игри во Рио предвидено е засилено присуство на околу 85 илјади војници и полицајци кои треба да спречат улично насилство но и евентуални напади од екстремисти.
Игрите се одржуваат во период на голема економска рецесија во Бразил и зголемени социјални и политички тензии.