Рецептот на Удба за производство на непријатели
17 јануари 2014Службата за државна безбедност, наречена Удба, го одбележи животот на бројни Хрвати, особено на оние кои се осмелија да ја критикуваат Југославија или Комунистичката партија. Убиствата и монтираните процеси беа само дел од методите на злогласната полиција, кои сега се извлекуваат од колективната меморија благодарение на барањето на Германија за израчување на удбашот Јосип Перковиќ кој е обвинет за убиството на мигрантот Стјепан Ѓурековиќ во 1983 година. Дури ни меѓу жртвите на Удба нема согласност за ова прашање, имајќи го предвид учеството на Перковиќ во осамостојувањето на Хрватска и создвањето на хрватските тајни служби.
Со провокација до „докази“
Еден од оние на кои Удба им го одреди животот е и Анѓелко Мијатовиќ, историчар и советник за култура на првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман. Во разговор за ДВ тој се присетува дека неговите проблеми започнале сосема банално, во момент кога на пријателот, за кој не се ни сомневал дека е дел од мрежата на Удба, му се пожалил дека не може да најде работа затоа што не е член на КП. Тој пријател бил провокатор кој ги обезбедил доказите за апсење на Мијатовиќ. „Од странство ми испрати седум летоци кои ги проследив натаму. На летоците имаше пароли против режимот во Белград. Го молев повеќе да не го прави тоа, но по еден месец бев уапсен“.
Со пресуда на Врховниот суд, минал 1,5 година во затворот во Стара Градишка, кои ги памети по тешката физичка работа. Нова истрага против него е отворена три месеци пред истекот на казната. Во 1965. се одбележувале 20 години од влегувањето на партизаните во Загреб. Бидејќи неговите пријатели во тој период делеле летоци против комунистичкиот режим, и тој добил нови три години и четири месеци затвор.
„Удба произведуваше непријатели за да го оправда своето постоење“, вели Мијатовиќ. Иако по излегувањето од затвор му е дозволено да ги заврши студиите, следењето продолжило до 1989 година. Дотогаш уште неколку пати е приведуван под различни обвиненија и сомнежи. Бидејќи не можел да најде добра работа, истоварувал јаглен и работел во магацин. „Ништо не ми беше под честа. Ми беше важно да преживеам, иако тогаш веќе имав објавено четири книги, а завршив и постдипломски студии“, раскажува Мијатовиќ.
Режиран национализам
Животот на магистерот по економија и претприемач Марко Грубишиќ се смени од корен кон крајот на 1982 година. Тогаш бил апсолвент на Економскиот факултет во Загреб. Власта во тоа време, големиот недостиг на основни животни намирници и будењето на национализмот на спортските терени го контролирала со режирани случаи на хрватски национализам. Грубишиќ бил добар „материјал“ за тоа, затоа што одел во црква и се изјаснувал како Хрват.
Повод за неговиот случај била изборната конференција во студентскиот дом Лашчина на која Грубишиќ и колегите не сакале да ги прифатат кандидатите за самоуправното собрание кои ги делегирала Комунистичката партија, туку предложиле свои кандидати кои не биле комунисти. „Непосредно потоа имаше и роденденска забава на која се пееја патриотски песни, што им послужи за прикажување на национализмот“, вели Грубишиќ. Тоа било доволно, специјалците на 11 ноември 1982 година да го опколат студентскиот дом и да извршат масовни апсења. „Мене ме задржаа десет дена, по што добив прекршочна пријава поради наводно непријавен престој во студентскиот дом. Повторно ме приведоа на 16 декември, а истрагата траеше четири месеци. Физички ме малтретираа, ми ставаа пиштол на чело, константно бев испитуван и ставан на детекор за лаги. Се обидоа да ме обвинат дека сум поврзан со емиграцијата и дека сум поставил бомба во Нама“, се присетува Грубешиќ кој денес е успешен бизнисмен и застапник на германската фирма во Хрватска.
Во медиумите бил креиран „случај Лашчина“, а Грубишиќ е осуден на четири години строг затвор. „Ме осудија затоа што сум пеел песни за Зрински и Франкопаните, а судењето се одвиваше на плоштадот Никола Шубиќ Зрински“, вели тој. По 2,5 години минати во затворот Лепоглава, го пуштиле неколку дена пред 27. роденден за да не го избегне служењето на воениот рок. „Можете да замислите како се чувствуваше еден политички затвореник, хрватски националист, кој под принуда служеше војска во Прокупље, 30 километри од Ниш. Откако излегов, сѐ до 1990 година не добив пасош со образложение дека сум опасен, иако шест пати поднесував барање“. И тој по издржувањето на затворската казна уште неколку пати бил приведуван.
Иста судбина, различно мислење
Иако двајцата соговорници делат слична судбина, нивниот став за израчувањето на удбашот Јосип Перковиќ на Германија се разликува. Мијатовиќ не е сигурен дека е тоа исправен потег со оглед на фактот што Перковиќ, на повик на поранешниот претседател Фрањо Туѓман, дал голем придонес во борбата на Хрватска за независност. Но, Грубишиќ не верува во покајување на поранешните удбаши. Тој тврди дека Удба работела до самата пропаст на Југославија и дека нејзините службеници дури потоа ја прифатиле хрватската држава. Смета дека и денес удбашите се интересно поврзани и одлично позиционирани и во хрватското стопанство. „Од 851 хрватски удбаши, 754 преминаа во хрватските служби“, тврди Грубишиќ. Поради тоа смета дека е потребна лустрација и израчување на Перковиќ во Германија, без оглед на неговите заслуги во војната.
„Одговорно тврдам дека хрватската држава би се формирала и без нивните услуги. Ништо добро не може да се создаде на неморална основа“, заклучува Грубишиќ.