Реми за ракометарките на Вардар СЦБТ
8 март 2014ЖРК Вардар СЦБТ останаа непоразени на гостувањето во Германија во натпреварот од 5. коло од Лигата на шампионите. „Вардарки“ со Тирингер одиграа 24:24 и освоија еден бод по што натпреварот од последното коло со Савехоф во Скопје ќе решава за пласманот во полуфиналето.
Во првото полувреме ракометарките на ЖРК Вардар СЦБТ имаа постојано предност, а од 12-тата до 18-тата минута македонскиот шампион направи серија од 5:1 и имаше највисоко водство од седум голови (12:5). Сепак „вардарки“ на полувремето имаа три голови предност (15:12).
Екипата на Тирингер бргу ја надоплни негативата на почетокот на вториот дел и во 34. минута беше 15:15 (второ изедначување), пред се’ како резултат на грешките на ЖРК Вардар СЦБТ. Во последните 10 минути беше неизвесно и нијанси го решаваа натпреварот. Во последната минута Кабрал Барбоса за Тирингер донесе изедначување 24:24.
Најефикасна на натпреварот беше Андреа Лекиќ со 10 голови, додека кај Трингер најмногу голови даде Надгорнаја – 7.
По денешниот натпревар Тирингер има 7 бодови, а ЖРК Вардар СЦБТ 6. Утре се игра вториот натпревар од групата 1 меѓу Савехоф и Митјиланд.