Рекордни премии за работниците
26 февруари 2012Германската автомобилска бранша во 2011 година работеше одлично. Од добрите деловни резултати, освен менаџерите, добро ќе „профитираат“ и обичните работници. Весникот „Франкфуртер Алгемајне Зонтагсцајтунг“ денеска (26.02) пишува дека Ауди, Фолксваген, Порше и други производители на своите вработени годинава ќе им исплатат невообичаено виоски премии - дури и во петцифрен износ!
Синдикалниот шеф и член на Надзорниот одбор на Дајмлер и Бош, Јерг Хофман, потврдува дека премиите ќе достигнат износ од 10.000 евра: „Шлагот на тортата годинава ќе биде особено вкусен“. Шефот на работничкиот совет во Порше, Уве Хик, за весникот додава: „Од премиите некому ќе му потклекнат колената, такво нешто се‘ уште не се случило. Нашите работници заслужија генијално-интергалактички премии! Рекордната заработувачка не ни‘ ја донесе Свети Петар.“
Според ФАЦ убедливо највисоки премии може да очекуваат вработените во Ауди. Управата на фирмата и Работничкиот совет на Ауди пред неколку години го реформираа составот на исплата на премии. Формулата е едноставна - од оперативниот резултат на деловното работење, а во 2011 година тој изнесуваше над 1,2 милијарди евра, вработените добиваат десетина од износот.
Сепак, не на сите производители им цутат рози. Над Опел повторно се надвиснати црни облаци. Додека американскиот концерн Џенерал Моторс, кој е сопственик на Опел, се опоравува од кризата, германскиот производител е и натаму во минус.
Автор: Среќко Матиќ / Е.М.Фиданоска
Редактор: Борис Георгиевски