Рекордна инфлација во Германија
30 март 2022Германија се соочува со „сериозни предупредувачки сигнали“ за својата иднина, оцени министерот за финансии Кристијан Линднер коментирајќи го растот на инфлацијата и намалената проценка за економскиот раст годинава.
„Стабилизацијата на растот и запирањето на натамошниот раст на цените е главен приоритет“, рече тој.
Цените на енергенсите за домаќинствата и за возилата се зголемија за 39,5% во однос на истиот месец минатата година, соопшти националното биро за статистика Дестатис.
„Од рускиот напад врз Украина, цените на природниот гас и минералните нафтени продукти значително се зголемија и имаат големо влијание врз високата стапка на инфлација“, соопштија од Дестатис.
Цените на храната се зголемија за 6,2% во однос на минатата година.
Ризик од рецесија
Во средата, економските советници на владата соопштија дека постои „значителен ризик“ од рецесија поради руската инвазија врз Украина.
Советот на економски експерти предвидува дека растот на БДП годинава ќе биде околу 1,8%, наместо претходно планираните 4,6%. Предвидувањето за 2023 година останува раст од 3,6%.
Поради високите цени на енергенсите, се очекува инфлацијата на годишно ниво да достигне 6,1% и да се намали на 3,4% следната година.
- Енергетски бонус од 300 евра и 9 евра за превоз: Како Германија ги помага граѓаните во кризата
Неизвесниот увоз на енергенси од Русија, од кои Германија е најмногу зависна, значи дека ситуацијата може и дополнително да се влоши.
„Германија е тешко зависна од руските енергенси. Прекинот на ова снабдување ќе значи ризик дека германската економија може да западне во рецесија со уште повисока инфлаторна стапка“, оценуваат експертите.