Регионалните берзи бараат спас во поврзувањето
2 ноември 2012За прекуграничната трговија за која претходно беа потребни тројца брокери и три трансакциски сметки, сега е потребен само еден брокер и една сметка, наведуваат потписниците на овој проект. Извршниот директор на Монтенегро берзата, Гојко Максимовиќ, за ДВ вели дека вистинските предизвици следат допрва. „На овој начин, со создавањето поголеми пазари, ќе имаме што да им понудиме на инвеститорите, бидејќи сегашното темпо на опаѓање сигурно води кон проблеми на нашите пазари“.
Берзите замрзнаа
Активноста на црногорската берза драстично опаѓа веќе три години. Таа практично е замрзната. Податоците покажуваат дека оној, кој на пример пред пет години вложил во берзата 100 евра, денеска за своите акции би добил околу седум пати помалку, односно само 15 евра!? Ова значи дека берзанскиот индекс од 2007 година паднал за дури 85 отсто. Само оваа година прометот во однос на лани е намален за една третина. Многу компании, чии акции во време на инвестицискиот бум беа многу барани, сега се во стечај.
Слична е ситуацијата и во Босна и Херцеговина. По приватизацијата, пазарот на капитал во оваа земја е практично на почеток. Берзата во Сарево и Бања Лука главно ги одржуваат во живот државните обврзници или обврзниците на старата девизна заштеда.
Економските аналитичари истакнуваат дека до опоравување на пазарот на капитал може да дојде само ако целиот регион тргне кон излез од кризата. Коментаторот од подгоричкиот неделник „Монитор“, Зоран Радовиќ за ДВ вели дека овие пазари се мали и затоа поврзувањето е добра шанса да се направи нешто. „Во овој момент нема компанија поради која би дошле сериозни инвеститори, независно од тоа дали овде ги чека една или шест берзи. Ние можеме тука да ја донесеме и Њујоршката берза и нивните брокери, но проблемот ќе остане ист: нема што да се купи!“
Виртуелни пазари
Максимовиќ додава дека се планира целата работа со поврзувањето на берзите од БИХ и Црна Гора да се реализира во наредните 12 месеци и притоа, секој да го зачува својот идентитет и својот локален пазар. Тој очекува и останатите берзи во регионот да му пристапат на овој проект.
„Очекуваме на овој проект наскоро да му се приклучи и Македонската берза, пред се‘ поради фактот дека кај нив во употреба е истиот систем на работење како и на нашите три берзи, а се надевам дека и останатите берзи ќе ја сфатат неминовноста на овој проект и процес на обединување на пазарите на капитал, за да имаме барем виртуелно слободен пазар во регионот“, заклучува извршниот директор на Монтенегроберзата.
Службениците во Босна и Херцеговина пак, се надеваат дека пазарот на капитал во оваа земја значајно ќе заживее, доколку започне изградбата на некои делови од коридорот 5ц и реализацијата на електроенергетските проекти.