1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реал не се плаши од „црната бестија“

СН/ат/сид/ртр/миа/дпа23 април 2014

Оптимизам во Мадрид, најави за игра со „страст и срце“ во Минхен. Денеска Реал и Бајерн го играат првиот дел од „финалето пред финалето“ во Лигата на шампионите.

https://p.dw.com/p/1BmVD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бајерн Минхен во Мадрид важи за „црна бестија“ која многупати во историјата чудовишно ги проголтала надежите за европски титули на екипата на Реал. Последен пат тоа се случи во полуфиналето во сезоната 2011/2012 во двомеч во кој на крајот Бајерн преку пенали во реваншот во Мадрид успеа да обезбеди пласман во финалето.

Овојпат меѓутоа Реал Мадрид има тренер кој има сосема поинакво искуство во дуелите со Бајерн Минхен: „Можеби Бајерн е 'црна бестија' за Реал Мадрид ама не и за мене“, порача во пресрет на денешниот прв натпревар од полуфиналето што ќе се одигра на мадридскиот фудбалски храм Сантијаго Бернабе, Карло Анчелоти. Успешниот италијански тренер на клупата на Милан од 2001 до 2007 година во шест натпревари против Баварците нема загубени ниту еднаш, а четирипати има победено.

Генерално во Мадрид владее голем оптимизам пред денешниот меч а медиумите со задоволство говорат за „белите бестии“ на Реал, Кристијано Роналдо, Карим Бензема и Герет Бејл кои треба да ја „растурат“ бавната одбрана на Бајерн. Причина за ваквиот оптимизам се и последните слаби и неинспирирани настапи на Баварците во Бундеслигата.

Меѓутоа одговорните во клубот од Минхен уверуваат дека натпреварот во Мадрид ќе биде сосема поинаква приказна. Впрочем и Бајерн има нов тренер кој има многу позитивно искуство во Мадрид. Долгогодишниот успешен тренер на Барселона, Пеп Гвардиола досега нема загубено натпревар на Сантијаго Бернабе. Сепак тој пред денешниот меч порача дека за добар резултат во Мадрид, неговиот тим мора да одигра извонредно.

UEFA Champions League Real Madrid Borussia Dortmund
Фотографија: Getty Images

Капитенот Филип Лам пак вети игра со „страст и срце“ за да се стигне до хет-трик во финалињата на Лигата на шампионите. Бајерн во последните две сезони двапати играше во финалето, а лани ја освои и титулата.

Инаку првиот дуел од втората полуфинална пресметка во Лигата на шампионите синоќа на Висенте Калдерон во Мадрид меѓу домаќинот Атлетико и Челзи заврши со нерешен резултат и без постигнат гол. Челзи на овој дуел настапи ослабен без Самуел Ето, Бранислав Ивановиќ и Еден Азар, а дополнителни проблеми за тренерот Жозе Мурињо претставуваа повредите на голманот Петер Чех и на капитенот Џон Тери кои мораа да го напуштат теренот. Шпанскиот претставник беше поактивен, упати повеќе удари кон противничкиот гол, но не успеа да ја пробие цврстата гостинска одбрана.

Реваншот е закажан за 30 април во Лондон.