Реакции на ослободувањето на германската заложничка во Авганистан
20 август 2007Таа беше киднапирана во саботата на пладне, а ноќеска беше ослободена од авганистанските сили. При операција во предградие на Кабул уапсени се и четворица грабнувачи, меѓу кои и организаторот.
“Со олеснување и голема радост ја добивме синоќа веста за ослободувањето на германскиот заложник, госпоѓа Мајер. За тоа морам на прво место да им се заблагодарам на авганистанските сили за безбедност. Но, исто така треба да им заблагодариме и на норвешките колеги од мисијата во Кабул, кои помогнаа во ослободувањето.“
Со овие зборови денеска на јавноста и‘ се обрати шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер.
Во авганистанското Министерство за внатрешни работи ослободувањето на германската заложничка беше поставено на највисоко место на списокот приоритети. Во планирањето учествуваа лично надлежниот Министер, како и шефот на тајните служби. Операцијата беше грижливо подговувана цел ден, квартот беше комплетно блокиран и систематски пребаран. Завршницата беше изведена кусо по полноќ, кога кај заложничката останал само еден чувар, кој успеал да побегне. Затоа пак:
“Уапсивме четворица мажи, меѓу нив и водачот на групата“ - појасни портпаролот на министерството за внатрешни работи во Кабул. Тој појасни дека продолжува и потрагата по натамошни соучесници во киднапирањето.
Што се однесува до нивната цел и намери, портпаролот Семараи Башари, појасни:
“Тоа е банда криминалци, кои се обидоа да го дестабилизираат нашиот град. А за жената бараа само едно: пари.“
Кристина Мајер била грабната во саботата на пладне во Кабул додека ручала со сопругот во ресторан за брза храна во западниот дел на главниот град. Две маскирани и вооружени лица на брзина влегле во ресторанот и ја однеле во непознат правец.
На прес-конференцијата во Кабул, портпаролот Башари уште соопшти дека авганистанските сили за безбедност успеале да го пронајдат и организаторот на убиството на двајцата новинари на Дојче Веле.
“Пред неколку месеци беа убиени двајца германски новинари во регионот Талава Барфак. Специјалните сили го уапсија организаторот на убиството, кој исто така предводи една банда криминалци.“
Тие беа застрелани на северот на Авганистан минатиот октомври, додека ја минувале ноќта под шатор.