Расте притисокот врз израелската влада
16 август 2014По третото примирје во војната во Газа би требало да следи долгорочен прекин на борбените дејствија. Тоа го бараат се’ повеќе луѓе на југот на Израел. Тие бараат од својата влада решение на проблемот- по воен или дипломатски пат. Регионалниот совет на градот Ашкелон, кој се ноѓа во јужен Израел, бара од премиерот Бенјамин Нетанјаху конечно да пронајде стабилно решение за ракетните напади од Појасот Газа. „Сакаме мир“, рече Јаир Фарјун, претседател на Регионалниот совет на Ашкелон. „И ќе го проценуваме нашето политичко раководство преку тоа дали сега ќе донесе мир“, изјави тој во интервјуто за исраелското воено радио.
„Да се заврши работата“
Во Тел Авив претходно демонстрираа околу 10.000 луѓе. Организаторите повикаа на мирни демонстрации во знак на солидарност со луѓето на југот на Израел кои особено се изложени на ракетните напади од Појасот Газа. И градоначалникот на градот Сдерот, претставници на левицата и десницата, како и на религиозниот и секуларниот Израел учествуваа на демонстрациите.
Градоначалникот на Сдерот, Алон Давиди рече дека „работата“ во Појасот Газа мора „да биде доведена до крај“. На плакатите, кои ги носеа демонстрантите, беа напишани како барања за итно заземање на Појасот Газа, така и барања за „мир со Палестинците“.
Израел и милитантните Палестинци во средата (13.8.) постигнаа договор за воспоставување петодневно примирје кое би требало да потрае подолго.
Израелскиот министер за транспорт Амир Перез рече дека Израел се наоѓа во „најважната фаза од преговорите“. Индиректните преговори помеѓу Израел и Палестинците би требало да продолжат утре (17.8.) во Каиро.
Лутина во Белата куќа
Во меѓувреме Израел настојува да го измазни судирот со САД. Израелскиот пратеник Офер Шелер од партијата на центарот Јеш Атид рече дека САД е „најважен партнер на Израел“ и оти ја поддржува земјата со сите сили. Весникот „Вол стрит журнал“ извести дека Белата куќа е лута поради испораката на оружје за Израел до која дошло без знаење и одобрување на претседателот. Израелскиот весник „Харец“ извести дека американската влада потврди оти отсега сака построго да ги контролира испораките на оружје за Израел.
Израелската војска, според наведувањата на медиумите, во последниот конфликт во Газа испукала најмалку 30.000 артилериски гранати. Воените извори признаа дека е можно бројни палестински цивили да се убиени во артилерискиот оган, извести „Харец“.
Израел на 8. јули започна воена офанзива во Појасот Газа која ја образложи како одговор на постојаните ракетни напади на своја територија. Од почетокот на израелската воена офанзива на Појасот Газа се убиени околу 2.000 Палестинци и 67 Израелци.