1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Распуштање на Кнесетот

Таниа Кремер / Е.М. Фиданоска8 декември 2014

Израел е пред нови избори. Израелскиот парламент, Кнесетот, би требало да биде распуштен денеска, а нови избори би се одржале најверојатно на 17 март.

https://p.dw.com/p/1E0lQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кујната со шпекулации во Израел работи под полна пареа. Со денови се вртат гласини во израелските медиуми дека премиерот Бенјамин Нетанјаху наводно сега сепак не сака нови избори, туку се обидува да скова нова коалиција со ултраортодоксните партии. Политички спин или сериозни обиди за спречување на нови избори? Само неколку часа пред новата рунда гласање во Кнесетот се чини се‘ е можно. Во изјава од кабинетот на премиерот има обиди за смирување на шпекулациите. Онлајн порталот „Тајмс оф Израел“ јави дека во изјавата од кабинетот на Нетанјаху се вели оти распуштањето на Кнесетот ќе се заврши според планираното и дека предвремените избори ќе бидат исто така одржани според планoт - на 17 март.

Најновата епизода од сагата на 33. влада на Израел во секој случај предизвика многу шпекулации. Притоа, премиерот Нетанјаху лично во вторникот (2.12) најави предвремен крај на коалиционата влада, отпушти двајца министри и повика на предвремени избори. Тој ги обвини министерот за финансии Јаир Лапид и министерката за правда Ципи Ливни за „пуч“ и оцени дека така веќе не може да владее. Спорни точки за фрагилната централно-десничарsка коалиција, меѓу другото, беа зголемување на буџетот за одбрана, но и предлог закон со кој Израел требаше да биде дефиниран како национална држава на еврејскиот народ. Во првото гласање за распуштање на Кнесетот „за“ гласаа 84-ца од 120 пратеници, а еден беше воздржан.

Israel Regierungskrise Netanjahu PK 02.12.2014
Бенјамин Нетанјаху има повеќемина конкурентиФотографија: Reuters/G. Tibbon

Нови избори по нецели две години

Владеачката коалиција беше составена пред неполни две години, по исто така предвремени избори, и во нејзе првпат по долго време нема ултраортодоксни партии. Во секој случај, сега воопшто не е сигурно дали Нетанјаху во март по четврти пат ќе добие мандат за составување влада. Дел од набљдувачите оценуваат дека „се‘ е можно“. Нетанјаху е долго во бизнисот, а досега има постигнато малку, сметаат дел од аналитичарите. Освен тоа, тој е соочен со обвинувања дека е одговорен за тоа што во земјата повторно ќе се одржуваат предвремени избори, кои ќе ги чинат даночните обврзници околу 500 милиони американски долари.

Според последните анкети, Бенјамин Нетанјаху има причини за нервоза. Вториот канал на изралеската телевизија имаше истражување на јавното мислење, според кое, 65% од испитаниците се изјасниле против тоа Нетанјаху да биде повторно премиер. И анкетата на дневниот весник „Маарив“ предвидува тешки времиња за премиерот. Блокот десничарски партии се‘ уште има предност, но не е јасно кој би го предводел. Нафтали Бенет од национално-религиозната доселеничка партија „Еврејски дом“, но и актуелниот министер за надворешни работи Авигдор Либерман од партијата „Наша куќа Израел“ сакаат да се вмешаат во трката за премиерската позиција. Конкуренција за Нетанјах би можеле да бидат и двајца политичари од неговата партија Ликуд - Гидеон Саар, поранешен министер за внатрешни работи, кој пред два месеца најави дека се повлекува од политиката и Моше Калон, порано човек од доверба на Нетанјаху и поранешен член на Ликуд. Сега Калон би можел да влезе во трка со своја партија и доколку тоа се случи, се претпоставува дека има добри шанси да ги привлече дури и избирачите до левиот центар.

Темите кои ќе одлучат

Wahlen in Israel
На изборите во Израел во последниот период постојано имаше изненадувањаФотографија: Reuters

„На сите избори во последно време имаше изненадувања, зашто избирачите ја носат својата одлука во последна минута“, оценува аналитичарот Гидеон Рахат од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим. „Луѓето се помалку лојални кон една партија и денес побрзо ги менуваат партиите“, вели тој. Изборната кампања ќе зависи од темите и од тоа што ќе се случува до изборите. „Еден единствен терорист во Ерусалим или една ракета во Газа би можела да одлучи за судбината на премиерот“, напиша овој викенд (6/7.12) новинарот Амос Харел од весникот „Хаарец“. Нетанјаху како секогаш ќе го стави акцентот на својата омилена тема - безбедноста. А повеќето Израелци сметаат дека економските проблеми на земјата се на прво место. Дури потоа доаѓаат безбедноста и социјалната праведност. Во месеците до изборите, сепак, може да се случи многу, а трендовите и анкетите од денес, утре веќе можат да бидат многу стари.