1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Распаѓање на хрватската влада

Среќко Матиќ / Е.М. Фиданоска7 јуни 2016

Хрватска се наоѓа во една од најтешките политички кризи од прогласувањето независност. Се работи за корупција, конфликти на интереси, лични непријателства и - за иднината на земјата.

https://p.dw.com/p/1J1mw
Фотографија: picture alliance/PIXSELL/J. Galoic

Хрватите наскоро имаат два повода за славје: на 25 јуни земјата слави 25-години од прогласувањето независност, на 1 јули, пак, се одбележуваат три години од приклучувањето на Хрватска во ЕУ. Но, во моментов речиси никому не му е до славје.

Само пет месеци по стапувањето на должност, новата влада во Загреб е „скршена“. Откако врвовите на партиите, коалициони партнери во владата, меѓусебно си дадоа до знаење дека треба да поднесат оставка, петмесечниот експеримент на централно-десничарската влада, под раководство на премиерот Тихомир Орешковиќ, може да се смета за - пропаднат.

Повод за тешката криза беа обвинувањата за корупција против Томислав Карамарко (на насловната фотографија десно), вицепремиер и лидер на национално-конзервативната ХДЗ. Тој се најде под притисок поради тоа што неговата сопруга добила советнички хонорар од 60.000 евра од страна на лобист на унгарскиот концерн за нафта МОЛ. МОЛ и хрватската влада се во долгогодишен спор околу односите на моќ во хрватската државна нафтена компанија ИНА. Според медиумски извештаи, МОЛ си обезбедил влијание во ИНА преку корупција. Поради ваквите обвинувања, коалициониот партнер на ХДЗ - Мост, побара оставка на Карамарко од вицепремиерската функција.

Kroatien Regierung zerbrochen Oreskovic
Тихомир Орешковиќ, премиер на ХрватскаФотографија: picture alliance/PIXSELL/P. Macek

ХДЗ потоа го претстави својот коалиционен партнер Мост како неспособен и побара оставка од неговиот лидер, Божо Петров. Врв на сето тоа беше изјавата на премиерот Орешковиќ од петокот, кој побара оставка на двајцата заменици - Карамарко и Петров.

Нови избори како излез?

Наместо да спроведува неопходни реформи, политичката елита на земјата повторно се занимава со себеси. За Јосип Јуратовиќ тоа не е изненадување. Политичките структури во Хрватска се такви што во прва линија станува збор за моќ, задржување на власта и прераспределба на моќта, а не за иднината на земјата, критикува пратеникот во германскиот Бундестаг, социјалдемократот Јуратовиќ.

„Реконструкција на владата не носи нови идеи, не носи нови луѓе кои би понудиле перспектива“, додава тој. Оттука, нови избори би биле шанса да се најде пат за излез од владината криза.

Реконструкција на владата, меѓутоа, останува и натаму реална опција. Дел од водечките членови на ХДЗ се дистанцираа од Карамарко: тој треба да отстапи пред националните интереси, гласи барањето до шефот на партијата. Карамарко би можел да биде и соборен, за ХДЗ да може да состави нова влада со Мост, а притоа тој да не стои на патот, шпекулираат дел од хрватските медиуми. Така ХДЗ би добила повеќе време за повторно да ја освои довербата на избирачите. Но, повторно станува збор само за власт, а не за програми, критикува Јуратовиќ во разговор за ДВ. „Внатрепартиската демократија едноставно не функционира, ниту во Хрватска ниту во регионот. Постојано исти актери со различни следбеници спроведуваат иста политика. Да имаа идеи, веќе ќе ги реализираа. Очигледно немаат.“

MdB Josip Juratovic
Јосип Јуратовиќ, пратеник во БундестаготФотографија: Büro Juratovic

„Политичка нирвана“

Притоа, на Хрватска ѝ е итно потребна долгорочна национална економска стратегија. Реформите се одлагаат со години, јавното задолжување изнесува речиси 90 проценти од брутодомашниот производ, невработеноста е околу 16%, буџетскиот дефицит многу ја надминува границата пропишана од ЕУ. Кредитоспособноста на Хрватска е влошена, кредиторите сега бараат повеќе пари за хрватските државни обврзници. Официјалното образложение гласи: така е поради актуелната нестабилна политичка состојба. Резигнацијата на многу Хрвати не може да ја ублажи ниту благиот економски пораст по долгогодишната рецесија. Земјата ја напуштаат пред сѐ млади, добро образовани луѓе. Во текот на изминатите две години од Хрватска за Германија заминале речиси 100.000 работници.

„Во Хрватска во моментов едноставно владее дезориентираност“, вели германскиот пратеник Јуратовиќ. „Ние во Германија сме едноставно беспомпошни. Каде оди Хрватска? Која е нејзината цел?“

Политичките турбуленции во Хрватска се лош знак и за ЕУ-интеграцијата на соседните земји. Хрватска во ЕУ влезе со ветување дека ќе биде светилник во регионот, нагласува Јуратовиќ. „Европејците едноставно очекуваа Хрватска да биде надеж и мотивација за сите останати во регионот, наместо да се оддели и сега - жал ми е поради тоа - да се наоѓа во политичка нирвана.“

Кршот во владејачката коалиција е практично врв на длабоката поделеност во хрватското општество. Минатата недела во земјата се одржаа најмасовните протести во последните години. Според наводи на полицијата во Загреб, на демонстрации излегле околу 40 илјади луѓе. Тие ја обвинуваат владата дека ја одолговлекува реформата во образованието, затоа што смета дека реформите недоволно ги земаат предвид христијанско-конзервативните вредности. Критичарите се жалат дека Хрватска веќе со месеци врти в десно, дека во државата има дури и растечки антисемитизам.