Расизмот на бугарските стадиони не е изолирана мутација
15 октомври 2019Националниот стадион Васил Левски беше делумно затворен за натпреварот со Англија (5.000 места од вкупно 46.000 на стадионот останаа испразнети) поради казната поради расистички акции на бугарските навивачи на средбите во јуни 2019 година против Косово и во Чешка.
Пониживачкиот пораз од 6:0 на бугарската репрезентација среде Софија, беше засенет од нешто уште посрамно, но ако се суди според претходните настани во јуни, за жал очекувано. Натпреварот беше двапати прекинуван поради расистички испади на бугарските „навивачите“. Иако тензијата беше голема, огромното мнозинство луѓе на трибините мирно го следеа натпреварот. Со исклучок на не повеќе од 50 лица кои уште еднаш го покажаа својот ужасен репертоар: „звуци на мајмуни“ упатени до англиските фудбалери, нацистичките поздрави итн.
Пред мечот имаше коментари дека Англичаните намерно ја драматизираат темата за расизмот во бугарскиот фудбал. Факт е дека англиските фудбалери по навредите кои ги претрпеа може да го напуштат теренот. Наместо тоа тие останаа да играат, решително спротиставувајќи му се на расизмот. Однесувањето на капитенот на бугарската репрезентација Ивелин Попов, кој успеа да смири некои од најрадикалните навивачи исто така е достојно за почит.
Повеќе:
-Расизам на Балканот: Ментално се уште во основно училиште
-Национализмот посилен од расизмот на Балканот
-Како Германија се справува со расизмот на стадионите?
Спроти натпреварот, претседателот на Бугарскиот фудбалски сојуз, Борислав Михајлов, ги отфрли ако неосновани стравувањата од нови расистички испади на бугарските навивачи, изречени од англискиот селектор Герет Саутгејт. Синоќешниот натпревар го демантираше г. Михајлов. Сепак, мора да кажеме: фановите со агресивно и расистичко однесување се само мал дел од публиката на стадионите. Но сепак, проблемот со расизмот во бугарскиот фудбал е сурова реалност.
За време на претпоследниот натпревар на Англија во бугарската престолнина за квалификациите за ЕУРО 2012, црномурестите англиски репрезентативци Ешли Кол, Тео Волкот и Ешли Јанг беа навредувани од бугарските навивачи. Бугарскиот фудбалски сојуз тогаш беше казнет од страна на УЕФА со 40 илјади евра. За време на натпреварот во септември годинава меѓу двете репрезентации на Вембли во Лондон, бугарски навивач беше исфрлен од стадионот, откако редар го слушнал како извикува расистички навреди кон Рахим Стерлинг.
Некои навивачи на фудбалскиот клуб Левски од Софија имаат изразувано симпатии кон нацистите. На еден меч на 20 април 2013 година тие го славеа роденденот на Адолф Хитлер. За време на натпреварот против Чешка во јуни 2019 година „ултрасите“ на Левски вееја знаме на „Бугарскиот национален отпор“ кое наликува на знамето на Бугарскиот национален сојуз, политичка формација која многупати е обвинета дека ги велича нацистичките идеи.
Многу веројатно, вчерашните расистички испади ќе повлечат со себе нови санкции за бугарскиот фудбал. Но, санкциите, се чини не го ублажуваат проблемот.
Политичкиот и социјален контекст е еднакво важен. Студија на истражувачкиот центар Пју, објавена во октомври минатата година, откри дека многу Бугари веруваат дека „нивната култура е супериорна во однос на останатите“. Растот на расизмот во бугарскиот општество е проследен со фактот дека политичари, на највисоко нив, често посегнуваат по дискриминирачки јазик и однесување.
Три популистички радикално-десничарски политички партии: ВМРО, „Атака“ и НФСБ се коалициски партнери на централно-десничарската ГЕРБ во владата од 2017 година. Овие партии, лидерите на етничките и религиозните малцинства ги опишуваат како „про-нацистички“.
Значи, она што се гледа на стадионите не е изолирана мутација, туку загрижувачки знак за растечката улога која расата и етничката припадност ја играат во политичката мобилизација но и вооопшто во бугарското општество.