1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расветлено убиството на 23-годишниот Мартин Нешковски

7 јуни 2011

За смртта на младиот Скопјанец е виновен 32-годишниот Игор Спасов, припадник на единицата за специјалните задачи „Тигри“, соопшти МВР. Полицијата го уапси Спасов, но протестите против нејзината бруталност продолжуваат.

https://p.dw.com/p/11W0f
Младите се организираа преку социјалните мрежиФотографија: DW

Смртта е последица на насилство, а сторителот на делото и` е познат на полицијата. Тоа е соопштено на попладневната прес-конфенеција на МВР. Портпаролот на МВР, Игор Котевски, истакна:

„Обдукцијата практично траеше до 16 часот, односно до моментот кога ние ја добивме повратната информација дека од страна на стручните лица-обдуцентите констатирани се телесни повреди и дека најверојатно стануваа збор за насилна смрт. Случајот и момчето беше идентификувано денеска, денеска е обезбеден сторителот - припадник на единицата за специјални задачи“.

Wahlen Mazedonien
Инцидентот се случил за време на прославата на победата на ВМРО-ДПМНЕФотографија: DW/Stojanovski

Мартин Нешковски е името на починатото момче. Има 23 години, живеел во населбата Козле во Скопје. Тешките повреди на главата и во пределот на половината ја предизвикале смртта, покажуваат резултатите од обдукцијата во Институтот за судска медицина. Според првичните сознанија, сторителот на бруталниот чин е припадникот на единицата за специјални задачи „Тигри“, 32-годишниот Игор Спасов, кој бил распореден за обезбедување на плоштадот за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Се` се случи за една минута“

Еден од сведоците за Дојче веле го опишува настанот:

„Одеднаш се случи некој бркотница, детето се сопна од каблите, падна, му се извини два-трипати на полицаецот, а тој му рипна одозгора и почна да го тепа; го фрли на клупа; го чукна уште два-трипати; дојде брза помош; констатираа смрт; не го земаа, а полицаецот го извлече назад на тревникот и го фрли како партал. Се` се случи во една минута - му удри неколку боксови, го тресна од земја два-трипати, го клоцна и го удри од клупа“.

Протестите во Скопје упатени на полициската бруталност, продолжуваат и попладнево пред споменикот на Мајка Тереза.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Трајче Тосев