1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Различни толкувања на пораките на Барозо

10 април 2011

Различни толкувања во Македонија на пораките кои претседателот на ЕК Жозе Мануел Барозо и еврокомесарот за проширување Штефан Филе ги оставија во Охрид. Барозо ниту еднаш не ја нарече земјата-Македонија.

https://p.dw.com/p/10qqa
Жозе Мануел БарозоФотографија: AP

Претседателот на ЕК Жозе Мануел Барозо ниту еднаш не го употреби зборот „Македонија во предавањето на тема „На патот кон ЕУ: партнери во реформите за нашата заедничка индина“, кое го одржа заедно со македонскиот претседател Ѓорге Иванов вчера во Охрид.

„Знам дека идентитетот е чувствително прашање, ве разбирам, и затоа велам дека решение за името мора да се изнајде сега. Зошто избегнувам да го користам името на државата што вие што го користите? Затоа што сакам решение за проблемот. Сметам дека повеќе придонесувам ако ја избегнувам таа формулација на името (Македонија - н.з.),“ одговори Жозе Мануел Барозо.

Mazedonien Präsident Gorgi Ivanov
Македонскиот претседател Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Цел ден во Македонија, многу тет-а-тет разговори, два јавни настапи, но и и покрај тоа претседателот на Европската комисија ниту еднаш не го изговори името Македонија, без оглед што публикатата, пред се‘ млади студенти, аплаудираше на новинарската провокација до Барозо да одговори – како се нарекува земјата во која допатувал да ја поттикне кон исполнување на европските вредности? Гостинот од Брисел остана ладнокрвен и на директното, емоционално, обраќање, со забелешки од македонскиот претседателот Ѓорге Иванов:

„Грција не чувствува никакви последици од кршењето на Времената спогодба, за разлика од нас, што сме блокирани при влез во евроатланските сојузи. Во оваа ситуација се најдовме не по наша вина“.

За овој набој на патриотизам, во кое беше вклучено и јавното барање до Барозо да се почитува идентитетот и именувањето на македонскиот јазик, за коментар го замоливме Владимир Стојковски од Македонскиот центар за европско образование.

„Не чувствувам потреба од тој тип на патриотизам, повеќе од оној што го дефинираме како разумен. И покрај целата режија на настанот од страна на власта, подиректни и појасни пораки не сме добиле од Унијата. Ако ги почнеме преговорите, тоа ќе значат сериозни политички реформи и дека некои политичари конечно ќе треба да си заминат од таа професија“, одговори за ДВ Стојковски.

Спорот со името има приоритет

Владимир Божиновски пак предупредува дека Барозо говореше во име на ЕУ, а Грција е нејзина членка. Пртеседателот на ЕК, во дипломатскиот одговор, имаше јасна порака – ние ќе ви дадеме секаква логистика, вие да го решите проблемот. Спорот околу името е клучниот проблем и пораките што ги остави тандемот Барозо-Филе, така ги прима и политикологот Владимир Божиновски. Според него, подигањето на нивотот на комуникација меѓу Брисел и Скопје на редовни лидерски средби, два пати годишно, веројатно и со учество на опозицијата, претставува отстранување на сомнежите за различно и флексибилно толкување на обврските на што инсистираат евродипломатите.

Професорите воздржани околу коментари

Во преполната охридска сала имаше голем број познати професори, бизнисмени, јавни личности, но тоа не значеше и нивна подготвеност да ги коментираат пораките од Барозо, особено околу итноста во решавањето на спорот со името.

Ohrid 2
ОхридФотографија: DW

„Не, не, ништо не разбирам од ова што го говори Барозо, тоа не ми блиску. Не е економија“, (не)ни одговори еден угледен економист, универзитетски професор.

Потпретседателот на Сојузот на стопански комори предупредува – македонската економја не е подготвена за конкуретноста на европскиот пазар, ниту пак е заштитена. А всушност и не може и не смее да се затвора во самодоволноста“, вели бизнименот Мирче Чекреџи.

„Во желбата на граѓаните да се влезе во Унијата, влеговме во еден економски процес на отоворена економија и тоа неподготвено, без нејзина никаква заштита, а воедно македонското е и најслабото европско стопанство. Секојдневно трпиме огромни штети со одолговлекувањето на процесот на интегрирање. Ниту имаме достапност до европските фондови, ниту пак фирмите се заштитени пред налетот на отворениот пазар и конкурентноста на големите светски компании на домашниот пазар. Затоа и сега дилемата е сведена на или-или, брзо интегрирање, по секоја цена или заштита на домашните ресурси и економија“, кажа за ДВ Мирче Чекреџи.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска