Различни балкански перцепции
6 јули 2011Последното истражување на „Галуп“, спроведено минатото лето, се однесува како на меѓусебната перцепција на земјите од Западен Балкан, така и на нивното гледање на развојот на политичките односи, но и на влијанието на странските фактори на случувањата во регионот. Од големите светски сили, САД имаат најголема поддршка меѓу косовските Албанци, дури 95 проценти, додека таа поддршка меѓу жителите од Централна Србија изнесува само девет проценти. Од друга страна, додека 66 проценти од Србите од Јужна Србија ги одобруваат постапките на Русија, истото може да се каже за само четири проценти од косовските Албанци. Во Босна и Херцеговина „симпатиите“ кон големите сили се разликуваат меѓу Република Српска и Федерацијата. Додека 57 проценти од испитаниците во Република Српска ја поддржуваат Русија, најголем процент од жителите во Федерацијата има симпатии кон Турција и Германија.
Потсетувајќи дека регионот на Западен Балкан беше поле на бурни историски случувања и натпревари меѓу големите сили, директорот на „Галуп“ за Европа, Роберт Манчин објаснува дека ваквите резултати зборуваат за влијанието на востановените погледи на светот, сеќавањата на минатото, но дека во прашање доаѓаат и „наследените“ перцепции.
„Ова истражување претстави многу интересна мапа. Пред истражувањето се насетуваше, но никогаш не можеше со сигурност да се каже дека разликите ќе бидат толку големи меѓу толку мали области“, вели Манчин за Дојче веле.
Балканот гледа во минатото, но и во иднината
Кога се во прашање водечките членки на ЕУ, најголема поддршка на Западниот Балкан, посебно во Босна и Херцеговина и Хрватска, има Германија, додека Франција и Велика Британија ги поддржува најмал број жители во земјите од регионот. Мнозинството граѓани на Србија, 54 проценти, и понатаму се противи на влезот во НАТО, додека мислењето за Северно-атлантската алијанса се разликува во Босна и Херцеговина меѓу жителите на Република Српска и Федерацијата – 18 проценти од испитаниците во Република Српска сметаат дека НАТО е „пријателска“ организација, наспроти 49 проценти од граѓаните на Федерацијата. Ставот за ЕУ во Босна и Херцеговина е релативно приближен - 33 проценти од жителите на Република Српска и 55 проценти од граѓаните н а Федерацијата сметаат дека ЕУ е пријателски настроена кон Босна и Херцеговина.
„На ваквата перцепција на меѓународните сили и организации влијанијата се двострани“, вели за Дојче веле академскиот директор на Лондонската школа за економија, Светозар Рајчак. „Се’ уште се чувствува присуството на историските околности од пред 20 години, но и на тие од порано. Тоа не изненадува, но изненадува тоа што тие влијанија не се толку јаки како што се мислеше. Од друга страна, тука има влијание и она што се случи во блиското минато или уште се случува денес, но и она што луѓето гледаат дека би можело да има влијание на нивниот живот. Тоа покажува зрелост на обичните луѓе. Тие се свртени кон иднината, кон тоа како и од што ќе живеат и кон она што го погодува нивниот живот. Тие тука ги наоѓаат показателите и одговорите“, вели Рајчак.
Балканот не е „буре барут“
Рајчак заклучува дека историјата покажала оти Балканот не е „буре барут“, туку дека секогаш само реагирал на претходните промени во Европа. Истовремено, на конференција во Брисел, посветена на истражувањето на „Галуп“ за перцепцијата на мултиполарниот свет во Западниот Балкан е нагласено дека Балканот не е на патот кон Европа, туку дека отсекогаш бил дел од неа.
Автор: Марина Максимовиќ/Александар Методијев
Редактор: Горан Чутаноски