1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радикалните позиции го заоструваат конфликтот на Блискиот Исток

Керстен Книп / Елизабета М. Фиданоска21 август 2014

Преговорите на Израелците и Палестинците за прекин на огнот пропаднаа. За тоа придонесоа и заострените верски и политички позиции на двете страни.

https://p.dw.com/p/1CyUm
Фотографија: picture alliance/landov

Откако пропаднаа преговорите за прекин на огнот, од Газа повторно летаат ракети во насока на Тел Авив. Од израелските воздухопловни бази, пак, тргнуваат авиони за да напаѓаат цели во Појасот Газа. Оттогаш загинаа најмалку 19 Палестинци.

Палестинците и Израелците повторно не можеа да се договорат. Палестинците бараат укинување на блокадата на Појасот Газа, Израел се согласува само со олабавување на блокадата, поради загриженост за својата безбедност. Двете страни се обвинуваат меѓусебно за пропаѓање на преговорите.

Прекинот на преговорите покажува колку малку двете страни можат да си дозволат да направат дури и минимални отстапки. Преговарачите во нивните татковини се под голем притисок. Двете страни претрпеа големи штети во војната, па секакво отстапување во полза на другата страна на преговарачите би им се припишала како слабост. Освен тоа, двете страни само со многу напор можат да се повлечат зад заострените позиции кои ги застапуваат. Истовремено, тие позиции им дозволуваат да ја обвинуваат другата страна за фундаментализам, во чие име се одбива согласност за примирје и преговори за мир.

Верскиот фундаментализам на Хамас

Тоа особено лесно може да го прави Израел. Израелските претставници за тоа треба само да укажат на повелбата на Хамас од 1988 година. Во нејзе се повикува на уништување на Израел. „Израел ќе опстои се‘ додека исламот не го отстрани, онака како што тој го отстрани она што беше пред него.“ Израел треба да биде не само „отстранет“, што значи уништен, туку тоа треба да се случи во име на исламот.

Nahostkonflikt Israel Palaestina Gazastreifen 08.08.2014
Демонстрации во Газа за поддршка на Хамас (08.08.2014)Фотографија: imago/Eibner Europa

Повелбата не е во употреба веќе 20 години, објаснува за ДВ портпаролот на Хамас, Ахмад Јусеф. „Ние ниту ја земаме како основа за нашата настава, ниту пак се повикуваме на нејзините одредби.“ Сепак, Хамас и покрај тоа не сака да ја укине повелбата. Со тоа со години му дава аргумент на Израел за прекин на разговорите.

Израелска теократија?

Состојбата е комплексна и во Израел. Во израелскиот парламент, Кнесетот, во моментов се застапени три ортодоксни еврејски партии. Тие заедно имаат 30 од вкупно 120 пратенички места. „Њујорк тајмс“ во април извлече заклучок дека овие сили темелно ќе ја променат политичката култура во Израел: „Ортодоксните партии се обидуваат да го претворат Израел во теократија“, напиша во својот водечки текст „Њујорк тајмс“.

На ваквото обвинување се спротивставува израелскиот публицист Јаир Розенберг. Тој за интернет магазинот „tabletmag“ вели: „Ортодоксните Евреи не се сите исти, ниту се исти сите ортодоксни партии и не сите ортодоксни Евреи се обидуваат да го претворат Израел во теократија.“

Ultraorthodoxe Juden in Jerusalem 14.12.2011
Ултраортодоксни Евреи во ЕрусалимФотографија: picture alliance/dpa

Сепак, и во Израел се појавуваат фундаменталистички движења. Дел од тоа се, на пример, екстремистичките доселеници кои градат населби во Западниот Брег.

Во едно актуелно истражување на јавното мислење, спроведено од институтот Израелска демократија, 34% од Израелците се изјасниле како „десничари“, а 28% како „умерени десничари“. Само 22% од испитаниците рекле дека имаат ставови кои му припаѓаат на политичкиот центар. Како „левичари“ или „умерени левичари“ се дефинираат само 12% од испитаниците.

Свртувањето в десно се отсликува и во Кнесетот. Пратениците на Ликуд и заменикот спикер на Кнесетот, Моше Фејглин, во јули рекоа дека Израел полага право на регионот на Појасот Газа. „Газа е дел од нашата земја и ние ќе останеме таму засекогаш.“ За иднината на Појасот Газа, Фејглин изнесе конкретни планови: „По елиминирањето на теророт од Појасот Газа тој ќе стане дел од суверен Израел и ќе биде населен со Евреи.“ Според Фејглин, Палестинците кои ќе сакаат да се отселат ќе добијат голема поддршка. Оние кои ќе сакаат да останат прво ќе добијат дозвола за престој, која по неколку години ќе може да се претвори во израелско државјанство.

Делови од израелската левица сметаат дека најголем предизвик за земјата не е верскиот, туку политичкиот екстремизам. „Израел оди не во насока на теократија, туку во насока на енергична и често брутална експлоатација кон која често води екстремниот национализам“, напиша публицистот Мичел Плитник во април за интернет амагазинот „lobelog.com“.