1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа од зори до полноќ

Дирке Кеп / Јаја Будани / Е.Милошевска Фиданоска12 јуни 2012

Бараат злато, одржуваат домаќинства, плетат теписи - повеќе од 215 милиони деца во светот работат. Според ИЛО, 115 милиони работат во опасни услови. На денот за борба против детскиот труд-12 јуни, пример од Буркина Фасо.

https://p.dw.com/p/15C3M
Фотографија: AP

Зенабу Илбуду е голема сестра, не во вообичаената, вистинска смисла на зборот, туку е во таа улога. Дваесетгодишната девојка по задача на „Тер де Зом“ ја има улогата на „голема сестра“ за девојчињата кои работат како домашни помошнички. Зенабу Илбуду ги знае нивните проблеми. Таа и самата била вработена како домашна помошничка во главниот град на Буркина Фасо, Уагадугу. Кога почнала, имала девет години:

„Шефицата те буди во пет часот наутро за да го уредиш домаќинството и ти дава пари за купување. Потоа мора да готвиш и ако газдарицата оцени дека сосот не е вкусен, имаш проблем - ако не те тепа, тогаш те кара. Напладне да добиеш нешто за јадење е честопати тешко. Спиеш често или во кујната, или во некаков ходник.“

Во Буркина Фасо и другите земји на Африка стотици илјади девојчиња ја имаат истата судбина како Зенабу Илбуду. Тие се на возраст од 9 до 14 години кога се приморани да почнат да бараат работа. Најчесто ги напуштаат семејствата зашто дома нема пари, или дури се продавани за работа во семејства. Условите за работа се често нечовечки. Децата се третираат како робови, тепани се и злоставувани.

Terre des hommes
Тер де Зом им пружа помош на децатаФотографија: Tdh | R. Rorandelli

Најголемиот дел од нив се активни во таканаречениот неформален сектор, кадешто нема ниту договори, ни социјални придонеси. Во меѓувреме и владата на Буркина Фасо го согледа обемот на проблемот и се обидува да преземе мерки во соработка со различни локални иницијативи, но и со меѓународни организации како „Тер де Зом“, или УНИЦЕФ. Притоа се работи на спречување ропство, детска проституција, ангажирање деца војници и изршување опасни дејности. Херман Зунграна, проект-менаџер на „Тер де Зом“ во Буркина Фасо, објаснува што работи организацијата:

„Во моментов имаме програма за околу 700 девојчиња на кои им овозможуваме посета на училиште во нивните родни села, како и уште еден образовен проект за околу 100 девојчиња, кои работат во ресторани или мали шивачки работилници. И уште сто девојчиња одат во гимназија во градот Туган, на северозапад на земјата.“

Kinderarbeit in Goldminen in Burkina Faso
Децата работат од утро до вечер и се надеваат дека можеби ќе најдат некоја трошка златоФотографија: DW

Но, тоа се‘ уште е само капка вода во море. Повеќе од 500.000 деца се експлоатирани во Буркина Фасо, велат податоците на Меѓународната организација за труд (ИЛО). Тие не работат само во домаќинства. Речиси половината работи во некој од рудниците за злато во земјата, кои ги има околу 600. Ретко за тоа добиваат пари. Работат само за јадење. Петнаесетгодишната Зенабу Дипама има огромни раце од чукањето камен:

„Ние жените треба да ги транспротираме камењата и да ги толчиме на помали парчиња. Тоа е напорно, прилично напорно“, вели таа.

„Нема регулирани работни времиња. Почнуваме наутро, напладне правиме пауза и потоа работиме до полноќ“, додава 15-годишната Сајуба Бонкунгу.

Многу училишта во регионите кадешто се ископува злато немаат ученици. Децата едноставно немаат време за учење. На УНИЦЕФ му успеа да им овозможи посета на училиште на околу 700 деца и да ги заинтересира за учење. Тоа воопшто не е лесно, зашто работата во рудниците за многу деца, и покрај сите напори, е атрактивна. Тие имаат илузии дека благодарение на неколку грутчиња злато што евентуално би ги нашле, ќе и‘ избегаат на сиромаштијата.