1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин со подршка за Техеран околу атомскиот договор

СН/ агенции
2 ноември 2017

Кога рускиот претседател Путин е во посета на Иран, на агендата секогаш се теми од глобално политичко значење. Спорот околу нуклеарниот договор со Техеран, ситуацијата во Сирија, извозот на гас...

https://p.dw.com/p/2msqk
Iran Wladimir Putin & Hassan Rohani in Teheran
Фотографија: picture-alliance/dpa/TASS/M. Metze

Рускиот претседател Владимир Путин денес силно го поддржа Иран и нуклеарниот договор на земјата со светските сили и рече дека Москва се противи на „каква било еднострана измена“ на тој договор откако американскиот претседател Доналд Трамп не даде позитивна оценка.

Путин беше во посета на Техеран заради трилатералните разговори меѓу Иран, Русија и Азербеџан, најмногу за патните и железничките врски.

Меѓутоа, прашањето за нуклеарниот договор не можеше да се избегне на средбите на рускиот лидер со неговиот ирански колега Хасан Рохани и со врховниот ирански верски лидер Али Хамнеи- кој го има последниот збор за сите државни прашања во земјата.

„Се противиме на каква било еднострана промена во мултилатералниот нуклеарен договор. Се противиме на поврзување на иранската нуклеарна програма со други прашања, вклучувајќи ги и одбранбените“, рече Путин на состанокот со ајатолахот Хамнеи. Москва го поддржа Техеран во моментот кога претседателот на САД одби позитивно да ја оцени примената на договорот. И останатите потписници, Кина, Германија, Велика Британија, Франција и ЕУ го повикаа Доналд Трамп да не се откажува од договорот.

Teheran, Russlands Präsident Wladimir Putin trifft sich mit Ayatollah Ali Khamenei
Фотографија: Getty Images/A.Druzhinin

Американскиот Конгрес сега треба да донесе одлука за договорот постигнат во 2015 година со кој Иран се согласи да го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции. Конгресот неодамна му воведе на Иран нови санкции поради ракетната програма.

Хамнеи го пофали „силниот“ карактер на Путин. „Поради таа причина е можно да се има логичен дијалог и соработка со Русија како голема сила за големи работи кои бараат одлучност и напор“, рече Хамнeи.