Путин сака отцепување на Република Српска?
27 ноември 2014„Неодамна беше одбележана 19 годишнината од Дејтонскиот мировен договор со кој беше ставен крај на војната во БиХ. Тогаш големите сили на светската политика беа единствени во тоа заеднички да воспостават мир во БиХ. Меѓународните трупи, предводени од НАТО, дојдоа во земјата, а цивилната меѓународна администрација требаше да го надгледува и да го спроведува мировниот процес. Сепак, една од големите сили сега го крши тогашниот договор: Русија“, пишува „Ди пресе“.
Овој весник наведува дека со последните постапки на Русија кон БиХ се отсликува конзистентната стратегија на Русија кон Западниот Балкан. „Во времето на Јелцин и дури и во првиот мандат на Путин, Русија додуша покажуваше симпатии кон Србите, 'православните браќа', но истовремено се согласувше со интеграција на ЕУ за државите наследнички на бивша Југославија. Сега Москва сака да им го отежне патот на Србија и БиХ во ЕУ. Но пред сѐ сака да спречи прием на овие земји во НАТО“, пишува „Ди Пресе“ оценувајќи дека постапките на Москва во БиХ се поуспешни отколку во самата Србија.
„Русија му дава поддршка на претседателот на Република Српска за неговата опасна политика. Додик постојано се заканува со одвојување на Република Српска од БиХ. Тој годинава повеќепати патуваше во Москва каде доби ветување за кредит во висина од најмалку 270 милиони евра. Неодамна дури и доби орден на Руската православна црква. Сега се гордее со тоа дека добил ветување од Русија дека Москва во сите наднационални тела ќе ги брани интересите на Република Српска - Додик најрадо би ги протерал од земјата ЕУФОР и другите меѓународни организации.
Западните дипломати во Сараево поаѓаат од тоа дека Путин има интерес за тоа Република Српска, која настана со етничко чистење за време на војната, да се отцепи од БиХ, за да створи преседан за источна Украина. Најдоцна тогаш БиХ пак би била место на кое повторно се пресекуваат меѓусебно спротивствените интереси на големите сили“, заклучува „Ди Пресе“.
Промени на државно ниво?
„Тагесцајтунг“ пишува за формирање на владата во Босна и Херцеговина по изборите во октомври. „Се чини дека формирање на власта во БиХ овојпат ќе биде потешко отколку во 2010 година. На ниво на целата држава и во Федерацијата БиХ се наѕираат нови изненадувачки коалиции. Во Република Српска сѐ останува по старо. Со тесно мнозинство повторно избраниот претседател на Република Српска Милорад Додик и неговиот Сојуз на независни социјалдемократи остануваат на власт. Додик успеа на своја страна да добие четворица пратеници од опозицијата и независни кандидати. Така со 44 мандати доби мнозинство во парламентот, кој брои 83 пратеници. Сепак, Додик не може да биде целосно среќен. Имено на државно ниво се наѕира формирање на сојуз меѓу големите партии од Федерацијата и опозиционите партии од Република Српска. Муслиманската Партија на демократска акција и мултиетничкиот Демократски фронт најверојатно ќе коалицираат со српската коалиција на партии Сојуз за промени“, пишува „Тагесцајтунг“.