1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин во дипломатска офанзива против Исламска држава

Роман Гончаренко/Ж.А.8 август 2015

Русија нуди помош на Запад во борбата против терористичката Исламска држава. Освен руска согласност во Советот за безбедност на ОН во однос на сириското хемиско оружје, според руски медиуми, постои и „план на Путин“

https://p.dw.com/p/1GC3m
Фотографија: dpa

Советот за безбедност на ОН во петокот гласаше околу истрага за употребата на хемиско оружје во Сирија за време на граѓанската војна. Изгласувањето на одлуката се сметаше за сигурно, зашто САД и Русија веќе претходно постигнаа меѓусебна согласност. Така, гласањето беше еден од ретките случаи во сириското прашање во кое Вашингтон и Москва влечеа од иста страна на јажето. Тоа е продолжение на настаните од есента 2013 година, кога Русија успеа да ја убеди Сирија да го уништи своето хемиско оружје со што ќе спречи воен напад од странана САД.

Лавров изнесува „Путинов план“

По рускиот придонес за постигнување согласност во долгогодишниот спор околу иранската атомска програма, оваа резолуција е веќе втор повод на Западот да ја пофали Русија. Москва, која во меѓународни рамки е мета на критики поради својот однос во украинската криза, сега може да се радува на позитивни новински наслови.

Рускиот претседател Владимир Путин очигледно сака да ја продолжи својата дипломатска офанзива и подготвува следен чекор. Русија на Западот и на државите од Блискиот Исток им нуди помош во борбата против терористичката милиција Исламска држава. Руските медиуми јавуваат за постоење „Путинов план“. Кремљ се‘уште не сака да ги открие сите детали. Уште е прерано, изјави во средата портпаролот на Путин, Дмитри Песков. Тој упати на најновите разговори на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со својот американски колега по функција Џон Кери.

...Кери уште не е убеден

Лавров веќе објави некои сугестии. Москва предлага „широк антитерористички фронт“ против ИД, во кој би биле вклучени и армиите на Сирија, Ирак, како и Курдите, како што изјави Лавров во средата во Куала Лумпур во Малезија. Таму тој му ги претстави Путиновите предлози на Џон Кери, на втората средба на двајцата шефови на дипломатиите во рок од неколку дена.

Но, Лавров очигледно не успеал да го убеди Кери. Постои меѓусебна согласност околу опасноста која треба да се пресретне заеднички. „Но, ние се‘уште немаме заедничка претстава како тоа конкретно да се изведе“, рече Лавров.

Symbolbild Kämfer Islamischer Staat
ИД-заеднички непријател на САД и РусијаФотографија: picture-alliance/AP Photo

„Москва сака да го заштити Асад“

Една од спорните точки веројатно е судбината на сириската влада. Лавров е јасен-коалицијата против ИД, предводена од САД, би требало да му даде „прошка“ на сирискиот претседател Башар ал Асад, како што пишува рускиот интернет весник РБЦ. Русија од почетокот на сириската граѓанска војна во 2011 година ја држи страната на Асад. САД, напротив, му одрекуваат секаква легитимност на сирискиот властодржец и бараат негова оставка.

Георги Мирски не е убеден во нови содржини во „Путиновиот план“. Коалиција против ИД веќе постои. Рускиот претседател сака да го заштити Асад, вели експертот за Блискиот Исток од Руската академија за науки во разговор за Дојче веле. Тој укажува на најновата најава на САД за можни бомбардирања на позициите на сириската армија. „Тоа би бил крајот на режимот на Асад. Путин тоа не може да го прифати“, уверен е Мирски.

Москва меѓутоа нема да стави на располагање сопствени трупи во борбата против ИД, вели рускиот експерт. Тоа го потврди и портпаролот на Путин, Песков, кој исклучи учество на руската воена авијација во борбата против Исламска држава.

Московскиот стручњак Мирски во „Путиновиот план“ гледа обид за симулација некаква активност. Тој не верува во соработка меѓу САД и Русија во сириското прашање: по руската анексија на Крим, тоа е речиси неможно.

Расте бројот руски борци во ИД

Уве Халбах од берлинската Фондација „Наука и политика“ зад „Путиновиот план“ насетува превладување интерни мотиви. „Во Русија се промени проценката во врска со ИД“, вели експертот во интервју за Дојче веле. Русија многу посериозно го сфаќа предизвикот кој го претставува ИД отколку пред една година.

Пред неколку месеци рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ИД ја означи за „најважниот непријател“ на Русија. Според рускиот национален Совет за безбедност, во редовите на ИД на Блискиот Исток се борат околу 2.000 Руси. Мнозинството од нив потекнува од претежно муслиманските региони во северен Кавказ, како Чеченија или Дагестан.

Од Кавказ кон Сирија

„Констатиравме дека од т.н. ’Кавкаски емират’, исламистичкото подземје во северен Кавказ, команданти засилено преминаа кон водачот на ИД, ал-Багдади“, вели Халбах.

Руските медиуми зачестено известуваат за млади Русинки и Руси приклучени кон ИД. Пролетоска предизвика внимание приказната на московската студентка по филозофија Варвара Караулова. На турско-сириската граница таа беше задржана на пат кон ИД и вратена во татковината.

„Путиновиот план“ за заедничка борба против ИД се навестуваше уште во јули. Сергеј Нарушкин, претседателот на руската Државна дума, го нарече „трагедија“ тоа што Русија и Западот се оддалечуваат еден од друг, наместо заеднички да се спротистават на ИД.

Во идните денови и недели Русија ќе ја продолжи својата дипломатска офанзива. Од непотврдени извештаи произлегува оти Путин во својот говор пред Генералното собрание на ОН во Њујорк во септември би можел самиот да го изложи својот план.